Хари тврди дека се степал со принцот Вилијам пред да си замине од Англија: „Ме фати за јаката и ме бутна - имав повреди на грбот“
- Детали
- четврток, 05 јануари 2023
„Ме фати за јаката, ми го скина ланчето и ме бутна на подот. Паднав врз чинија, која се скрши и ми го исече грбот“ - во неговите нови мемоари, принцот Хари тврди дека брат му Вилијам физички го нападнал, но и дека ја „оцрнувал“ Меган Маркл во британските медиуми. Истовремено, Хари вели дека брат му го натерал да носи нацистичка униформа на маскенбал – нешто што беше голем скандал за кралското семејство.
По контроверзниот документарец на Хари и Меган, јавноста е во исчекување на мемоарите на принцот, а некои британски медиуми веќе допреле до извадоци од книгата.
Книгата на Хари, насловена Spare, ќе биде пуштена во продажба на 10-ти јануари, но The Guardian и Page Six веќе споделија некои детали од неа.
Според The Guardian, во мемоарите Хари тврди дека брат му Вилијам не само што ја навредувал Меган Маркл, туку и физички го нападнал него и му нанел повреди.
Наводно, инцидентот се случил во 2019 година во Лондон.
Хари сакал да зборува со Вилијам за нивнот нарушен однос, а и му рекол дека тој намерно ја оцрнува Меган во британските медиуми.
По ова почнала караница, а Вилијам ја нарекол Меган „проблематична, неучтива и себична личност“.
Вилијам се разгневил и, според книгата, го нападнал Хари.
Хари пишува дека Вилијам бил многу гневен, кажал многу навреди, а потоа тврдел дека само сакал да му помогне на Хари.
„Дали си сериозен? Да ми помогнеш? Извини – така ли го нарекуваш ова? Помош?“, се присетува Хари на разговорот.
Ова дополнително го разгневило Вилијам, кој почнал и да пцуе.
Хари му рекол дека не може да разговара со него штом е толку гневен и му понудил чаша вода. Но, Вилијам го нападнал.
„Ја остави чашата вода, ме навреди, па тргна кон мене. Сè се случи многу брзо. Пребрзо.
Ме фати за јаката, ми го скина ланчето и ме бутна на подот. Паднав врз чинијата на кучето, која се скрши и ми го исече грбот.
Лежев на земјата и по неколку мигови станав и му реков да излезе“, пишува Хари.
Тој тврди дека скршената чинија му предизвикала видни повреди на грбот.
По ова, Вилијам му рекол на Хари и тој да го удри него, но Хари одбил, по што принцот излегол од собата.
Но, Хари истакнува дека Вилијам се вратил, било очигледно дека му е жал и му се извинил. Сепак, му рекол да не ѝ кажува на Меган за инцидентот.
Хари навистина не планирал да ѝ кажува на Меган, но таа му ги видела повредите на грбот, по што му рекла дека не е изненадена, но дека е многу тажна.
Во извадокот од книгата што стигнал до Page Six, Хари зборува за инцидент од 2005 година, а кој остави дамка во неговата репутација.
Тогаш Хари, кој имаше само 20 години, се појави на маскенбал со нацистичка униформа. Нормално, фотографиите од него осамнаа на насловните страници на британските весници и кралското семејство се соочи со остри критики.
Хари многупати се има извинето за овој пропуст и истакнува дека тоа му е најголемата грешка во животот, но во книгата вината ја префрла на брат му Вилијам и Кејт Мидлтон.
Во книгата, Хари вели дека се двоумел дали да се маскира како пилот, или да облече нацистичка униформа, па решил да се консултира со Вилијам и Кејт.
„Им се јавив на Вил и Кејт, ги прашав што мислат. Тие ми рекоа да ја облечам нацистичката униформа“.
Според Хари, Вилијам и Кејт не можеле да престанат да се смеат за униформата и го убедиле да се појави со неа.
Поддржувачите на Хари сметаат дека не е во ред тоа што само тој ги трпеше последиците од овој инцидент, кога всушснот и Вилијам учествувал во него.
Сепак, други сметаат дека Хари треба да се помири со фактот дека направил грешка и да престане да го меша брат му.
Спирова С. | Црнобело