„Не можам да се движам“: Кралицата Елизабета со бастунот на покојниот сопруг, по бројните скандали со синовите и внуците
- Детали
- четврток, 17 февруари 2022
Кралицата Елизабета имаше навистина бурна година – по скандалите со Хари и Меган и смртта на нејзиниот сопруг, таа се справуваше со обвиненијата за силување против нејзиниот син, а ја прослави и 70-тата годишнина на тронот. Сето ова дефинитивно имало влијание врз кралицата која сега не може да се движи без бастун и изгледа изнемоштено.
По смртта на нејзиниот сопруг, принцот Филип, кралицата не може да здивне од скандалите на нејзините деца и внуци.
Истовремено, кралицата неколкупати беше изложена на корона вирусот кој може да претставува сериозен проблем за неа кога ќе се земе предвид дека има 95 години.
Обвиненијата против синот на Елизабета, принцот Ендру, успеаја да ги засенат и скандалите со Меган и Хари, иако кралицата одбива да коментира за целата ситуација.
Принцот беше поврзуван со педофилот Џефри Епстајн, а си заработи и тужба од девојка која тврди дека била сексуално нападната од него. Поради ова, тој ги изгуби сите негови титули.
Сепак, деновиве се дозна дека принцот и девојката направиле спогодба и, според изворите, тој ќе ѝ исплати над 10 милиони долари за таа да ја повлече тужбата.
Исто така, овој период синот на кралицата, принцот Чарлс, се зарази со корона вирусот и постоеше сериозна опасност да се зарази и Елизабета. Иако од палатата споделија дека кралицата не покажувала симптоми, не открија дали сепак се заразила.
На почетокот од месецот, пак, кралицата ја прослави и 70-тата годишнина од нејзиното владеење. По тој повод таа изјави дека сака Камила, сопругата на нејзиниот син, да стане кралица кога тој ќе седне на тронот.
По смртта на Филип, Елизабета ретко се објавува во јавност и кога станува збор за некој настан, обично се вклучува онлајн.
Но, сега кралицата имаше средба во живо со неколку британски функционери, а според фотографиите, изгледа многуте настани и скандали сепак имаат влијание врз неа.
Кралицата изгледаше послабо од вообичаено и се потпираше на бастун, а во еден миг изјави дека не може да се движи покажувајќи кон нејзиното стапало. Бастунот што го носи, пак, има посебно значење за неа - му припаѓаше на принцот Филип до неговата смрт минатата година.
Како што напоменавме, не е познато дали кралицата го прележала вирусот и дали можеби тоа оставило некакви последици. Истовремено, ни изворите блиски до кралското семејство не откриваат зошто има тешкотии со движењето.
Елизабета првпат се појави во јавност со бастун кон крајот на минатата година, откако беше хоспитализирана и доби наредба за одмор од лекарите. Не е познато какви точно проблеми имала Елизабета, но тој период откажа неколку важни настани.
Спирова С. | Црнобело