Татко си е татко: Чарлс му прости на Хари и го прими на 45 минути, но Вилијам нема намера да го види
- Детали
- среда, 07 февруари 2024
„Хари со душа чекал да добие покана од Вилијам за да преноќи кај него, но наместо тоа, ноќта ја помина во хотел“ – пишуваат британските медиуми по веста дека принцот патувал повеќе од 10 часа со авион за да го види татко му на 45 минути.
По објавувањето на веста дека кралот Чарлс Трети боледува од рак, во сите светски медиуми беше објавена веста и дека неговиот син Хари и покрај сите скандали што ги приреди во минатото, планира веднаш да се врати во Лондон и да го види татко му.
Хари пропатува околу 8.000 километри за да го види својот татко, од Калифорнија до Лондон, а слетал на аеродромот Хитроу вчера напладне (06.02) по летот којшто траел 10 и пол часа.
Откако ја слушнал веста за пристигнувањето на својот помал син, кралот го одложил летот со хеликоптер до Сандрингем со цел да одвои време за да поразговара со него. Инаку, ова е прва средба на Чарлс и Хари по крунисувањето на кралот.
Според пишувањата на британските медиуми, кралот бил добро расположен, но видно изнервиран затоа што неговата здравствена состојба не ги нарушила само неговите, туку и плановите на неговите најблиски.
Хари беше фотографиран како си заминува од Кларенс хаус, каде што имал кратка средба со татко му, а Чарлс беше „уловен“ видно расположен и насмеан во придружба на неговата сопруга Камила откако се упатија кон Бакингемската палата, каде што ги чекаше подготвениот хеликоптер.
Инаку, по средбата Хари се упатил во хотел, каде што ја поминал ноќта, а се верува дека тој нема да се види со неговиот постар брат Вилијам, со кого односите му се значително влошени.
Вилијам во моментов е фокусиран на здравствената состојба на неговата сопруга Кејт, која е ослободена од обврски сѐ до Велигден, а се верува дека Хари очекувал покана од брат му за да престојува во неговиот дом, но не ја добил.
Многу е веројатно дека оваа 45-минутна средба на Хари со Чарлс ќе биде единствената периодов, затоа што кралот најверојатно ќе се повлече на своите имоти на село за да закрепнува, а во Лондон ќе се враќа само на состаноци.
Хари, пак, ќе треба брзо да се врати во Калифорнија затоа што следната недела ќе треба да ѝ се придружи на Меган на настан во Канада.
Б. С. Б. | Црнобело