Момче (9) од Казахстан топи срца – роден е без раце, но ќе си го оствари сонот да пее на Евровизија
- Детали
- понеделник, 06 декември 2021
Роден е без раце, пее на четири јазици и има сопствен канал на YouTube. Бекнур Жанибекули (9) го остварува својот сон да пее на Детската Евровизија и ги освои срцата на публиката.
Годинава на детската Евровизија во Париз како преттставници на Казахстан ќе настапат Алинур Кхамзин и Бекнур Жанибекули.
Откако и двете дечиња освоија подеднаков број гласови од публиката во Казахстан, а жирито не можеше да донесе одлука кој од двајцата натпреварувачи да биде претставник, на крај одлучија и двајцата заедно да ја претставуваат својата земја на најпопуларниот музички настан за детска музика.
Прочитајте и „Држете ни палци!“ – Дечињата од „Дајте музика“ ќе нè претставуваат на Детска Евровизија 2021
Фотографиите на 8-годишниот Бекнур ги освојуваат социјалните мрежи. Малото момче е родено без раце и во моментов ја носи најмалата протеза во светот, но тоа не го ограничува да пее и да го оствари сопствениот сон да настапува на Детската Евровизија.
Во интервју за казахстанските медиуми неговата мајка Зауре Бектемисова откри дека малиот Бекнур почнал да пее од најмала возраст, уште пред да почне да говори, а прозборел релативно доцна, на 3-годишна возраст.
Малиот Бекур сака да снима видео снимки со неговата музика и ги објавува на неговиот канал на YouTube насловен Beknur HandZero.
„Бекнур сам ги избира песните и сам ги учи зборовите. Не очекувавме дека пеењето ќе стане негова главна преокупација. Тој сонува да биде научник и да креира нови лекови и вакцини“ – вели неговата мајка.
Таа додава дека малото момче кое со семејството живее во Стразбур, веќе е во 4-то одделение, а омилени предмети во училиштето му се математика, географија и уметност.
Зауре открива дека малиот Бекнур пее на четири јазици: англиски, казахстански, француски и италијански.
Малото момче што ги освои срцата на публиката во Европа истовремено ја носи и најмалата протеза во светот што му помага да крева играчки и други лесни предмети, а пред да биде избран да ја претставува својата земја сонувал да настапува на Детската Евровизија.
Сега, само неколку месеци подоцна малиот Бекнур ќе има можност да ги оставри сопствените соништа.
Погледнете го видео-спотот за песната на Алинур и Бекнур:
Б. С. Б. | Црнобело