„Држете ни палци!“ – Дечињата од „Дајте музика“ ќе нè претставуваат на Детска Евровизија 2021
На овогодишната Детска Евровизија што ќе се одржи во Париз ќе бидеме претставени од дечињата од емисијата „Дајте музика“. Во наредните неколку месеци ќе имаме можност да ја слушнеме и песната.
Фото: Инстаграм
Дечињата од „Дајте музика“ ќе имаат можност да нè претставуваат на Детската Евровизија, а веста беше споделена на официјалниот Инстаграм профил на емисијата.
„Драги наши обожаватели, чест ни е да ви соопштиме дека оваа година во декември во Париз, ќе ја претставуваме Македонија на Junior Eurovision. Држете ни палци“, гласи описот на објавата.
Од емисијата велат дека наскоро ќе добиеме повеќе информации, а притоа се заблагодаруваат на МРТВ за дадената шанса.
Според МРТВ, песната со која ќе настапуваат дечињата ќе биде одбрана и промовирана следните неколку месеци. Дел од тимот ќе бидат композитори кои веќе соработуваат со „Дајте музика“, па добро ги знаат вокалните способности на дечињата.
Годинава ќе се одржи 19-тото издание на Детската Евровизија, и тоа во Париз, Франција. Настанот е закажан за 19 декември, во центарот La Senie Musicale.
Минатата година натпреварот се одржа во Варшава, Полска, а победата ѝ припадна на 12-годишната Валентина Тронел, со песната „J’imagine“.
Спирова С. | Црнобело