Забрана за сообраќај во центарот, пчеларници на покривите – како Париз се претвора во најзелениот европски град?
- Детали
- среда, 03 ноември 2021
180 километри велосипедски патеки, забрана за сообраќај во центарот на градот, 45.000 евра казна за негрижа за миленик, ослободување на животните од циркусите и делфините од аквариум за забава – Париз, но и целата Франција, сериозно ги сфатиле проблемите со загадувањето и експлоатацијата на природата и живот свет.
Во главниот град на Франција интензивно се градат велосипедски патеки, како и паркинг места за велосипеди, сè со цел Париз да се претвори во „вело-град“. Односно, жителите да можат да отидат до кој било крај од градот само со велосипед.
Според локалните власти, во тек е голема инвестиција со која до 2026 година градот ќе добие 180 километри нови велосипедски патеки. Покрај тоа, во градот ќе има и плус 180.000 нови паркинг места за велосипеди.
Моментално во Париз има 60.000 паркинг места за велосипеди, што значи станува збор за навистина амбициозен проект.
Властите сакаат да исполнат неколку цели со овој проект. Најпрво сакаат да се осигурат дека ќе има посебни патеки за патувања со велосипед кои се подолги од еден километар. Или, оние кои треба да поминат големо растојание, ќе можат да возат побрзо на посебна патека.
Истовремено, властите сакале да направат подобра велосипедска мрежа околу метро станиците, со што ќе им се олесни патувањето на луѓето кои живеат во предградијата на Париз и мораат да дојдат до центарот со јавен превоз.
Со новиот план, тие ќе имаат повеќе простор за велосипедите и возењето ќе биде побезбедно и за нив, и за другите луѓе.
Идејата е Париз да стане град во кој ќе доминираат велосипедите наместо автомобилите, а наводно допрва треба да се прифати предлогот за реализацијата на проектот.
Пред неколку месеци, BBC сподели дека властите во Париз планираат драстично да го намалат сообраќајот во центарот на градот, и тоа до 2022 година.
Според овој план, во строгиот центар на градот ќе има целосна забрана за автомобили и предност ќе имаат велосипедистите, пешаците и јавниот превоз.
Со сите овие проекти, Париз цели кон тоа да стане најзелениот европски град до 2030 година.
Наводно, веќе се отстрануваат паркинг места за автомобили од улиците низ градот, а голем дел од паркинг местата што остануваат се наменети само за електрични автомобили.
Имено, од градот обрнуваат внимание и на најситните детали кога станува збор за намалување на емисијата на штетни гасови.
На пример, Ајфеловата кула е осветлена со ЛЕД сијалички кои трошат 10 пати помалку електрична енергија од претходните светилки.
Истовремено, кулата е опремена и со ветерници кои генерираат доволно електрична енергија за осветлување на целиот прв кат на кулата и некои од околните продавнички.
На покривите на многу хотели во градот, пак, има и пчеларници со цел да се заштитат пчелите на кои веќе драстично им се намалува бројот.
Покрај тоа, пластичните сламки и пластичниот прибор повеќе не се во употреба, а низ градот се отвораат сè повеќе вегански и вегетаријански ресторани кои користат „поодржливи“ намирници.
Државата, пак, планира да постави забрана и за користење диви животни во циркуси, а ова се смета за голема победа за активистите за животински права.
Имено, во план е да се постави забрана за чување делфини и китови во аквариуми за забава, како и целосно да се забрани експлоатацијата на дивите животни во циркусите. Во иднина нема воопшто да се градат нови аквариуми.
Наводно, се размислувало и за изградба на засолниште за животните кои ќе бидат ослободени по оваа забрана.
Истовремено, властите сакаат да ги затворат и сите фарми за визони – животни кои се одгледуваат само поради нивното крзно.
Оние кои чуваат миленици, пак, можат да се соочат со казна до 45.000 евра ако не се грижат добро за нив или ако миленичето им умре од таа причина.
Сосема возможно е во иднина луѓето и да треба да поднесат сертификат кој ќе биде доказ дека можат да се грижат за миленик. Не е познато како би се добивал овој сертификат.
Спирова С. | Црнобело