Нова ера во вселенскиот туризам – Ричард Бренсон ја посети вселената со комерцијалното летало на неговата компанија (фото+видео)
- Детали
- понеделник, 12 јули 2021
Ричард Бренсон започна нова ера во вселенскиот туризам со комерцијалниот лет до работ на вселената, на висина од околу 100 километри, со вселенското летало на неговата компанија Virgin Galactic. За 8 дена, и Џеф Безос ќе го направи истото со неговата вселенска компанија.
Милијардерот Ричард Бренсон си го оствари сонот да ја посети вселената, по вчерашниот лет со леталото направено од неговата компанија Virgin Galactic.
Вчера, 11 јули, Ричард Бренсон, заедно со тројца вработени во Virgin Galactic и двајца пилоти одлета до „работ“ на вселената, со тоа почнувајќи ја новата ера во вселенскиот туризам.
Неговата компанија помина речиси две децении во изработката на леталото WhiteKnightTwo, a летот се одржа на само 9 дена пред планираното лансирање на Џеф Безос.
Леталото WhiteKnightTwo е всушност авион, на кој беше прикачено вселенското летало SpaceShipTwo во кое се наоѓаа Ричард и другите патници.
Штом авионот полета и стигна до висина од околу 15 километри, вселенското летало се оддели од него и почна да се искачува до работ на вселената со брзина од околу 4.000 километри на час. Леталото достигна висина од околу 100 километри, за само 90 секунди.
Take-off! The #Unity22 crew including @RichardBranson leave Spaceport America, New Mexico for #VirginGalactic’s first fully-crewed spaceflight. pic.twitter.com/RxGYp90nu8
-->— Virgin Galactic (@virgingalactic) July 11, 2021
Потоа Ричард и патниците неколку минути имаа можност да уживаат во бестежинска состојба и да ѝ се восхитуваат на Земјата од вселената, а милијардерот го искористи овој момент и за инспиративна порака:
„До сите деца таму долу… Некогаш јас бев дете со сон кое гледаше кон ѕвездите. Сега сум возрасна личност во вселенски брод, со многу други прекрасни возрасни, и гледам надолу кон нашата прекрасна, прекрасна Земја. До следната генерација сонувачи – ако ние можевме да го направиме ова, само замислете што можете да направите вие“.
Како што напоменавме, летот на Ричард се случи само девет дена пред летот на Џеф Безос, кој планира да ја постигне истата цел со летало од неговата компанија Blue Origin.
Со ова, милијардерите ќе започнат нова ера на вселенскиот туризам и ќе им овозможуваат на луѓето, по многу висока цена, да одлетаат до вселената и да ја искусат бестежинската состојба.
„Ако некогаш сте имале сон, сега е време да го остварите. На крај, сакам да ви кажам добредојдовте во новата ера на вселенската доба“, изјави Ричард по завршувањето на летот.
Наводно, компанијата на Ричард планира да направи уште еден тест пред да почне со летови за други туристи. Досега над 600 луѓе си имале резервирано билет, по цена од 200.000 до 250.000 долари.
Се очекува цената на билетите да биде уште повисока штом ќе почнат и официјално да ги продаваат.
Уште се дебатира дали компанијата на Безос или компанијата на Ричард ќе биде лидер во вселенскиот туризам. Безос повеќе од еден месец најавува дека ќе лета до вселената, а Ричард ја соопшти веста за него во последен момент и го „претрка“ Безос.
Летот на Безос е закажан за 20 јули, а со него ќе има и турист кој си платил за ова искуство. Наводно, патникот го купил билетот на аукција по цена од 28 милиони долари. Компанијата на Безос уште не продава билети за јавноста и нема соопштено кога би почнале со тоа.
Нормално, и двете компании не планираат да ги направат летовите достапни за „обичниот“ човек, односно нивната цена останува вртоглаво висока.
Спирова С. | Црнобело