Момче организирало „Бетмен“ забава за 32-иот роденден на девојката – родителите во детството ѝ велеле дека е „за машки“
- Детали
- понеделник, 07 јуни 2021
Уште во деството, Спарки сакала роденденска забава инспирирана од Бетмен, но родителите ѝ велеле дека тоа е „за машки“. Сега, повеќе од две децении подоцна, нејзиното момче решило да ѝ ја исполни желбата, и тоа за 32-иот роденден.
Уште живееме во општество каде што играчките, цртаните и омилените херои се делат на „машки“ и „женски“. На пример, додека куклите се „женски“, суперхероите од популарните стрипови, автомобилчињата и слично се сметаат за „машки“.
Ова го искусила и твитерџиката позната како Спарки, која уште од детството го сакала Бетмен, но постојано ја прекорувале дека тоа е „суперхерој за момчиња“. Спарки многу сакала и роденденска забава инспирирана од Бетмен, но постојано го добила истиот одговор – тоа е само за момчиња.
Сепак, нејзиното момче решило да ѝ ја исполни желбата, повеќе од две децении подоцна, а таа ја сподели слатката приказна на Твитер:
„Кога бев мало девојче во 90-тите, сакав роденденска забава инспирирана од Бетмен, но ми велеа дека ’Бетмен е за момчиња‘. Додека растев, секогаш се шегував дека ќе имам Бетмен забава кога ќе наполнам 32 (мојот омилен број). Јас се откажав од идејата, но не и моето момче“.
Момчето на Спарки решило да ја изненади за 32-иот роденден, па го украсил нивниот дом со предмети инспирирани од познатиот суперхерој.
„Искрено, целосно заборавив на мојот роденден. Без преморена од работа и мислев дека кога ќе си одам дома ќе имаме тивка вечера. Но, почнав да плачам кога ја отворив вратата и бев опкружена со пријатели и Бетмен декорации. Многу од декорациите беа винтиџ!“, споделува Спарки.
А, момчето навистина се надминало себеси. Тој купил торта и мафини со препознатливиот симбол на Бетмен, закачил постери, направил коктели, па дури изнајмил и костими од ликовите во стрипот, за гостите да можат да се преправаат и фотографираат.
„Многу се забавуваме со костимите. Дури ми дадоа и прекрасна маичка со цртаниот филм од Бетмен!“
Како ова да не било доволно, нејзиното момче криело уште едно изненадување – на долниот кат од нивната куќа, тој направил карневал инспириран од омилениот суперхерој на Спарки.
Долниот кат не само што бил украсен со Бетмен декорации, туку момчето организирало и лов на богатство – низ куќата поставил загатки (слични како на ликот Riddler од Бетмен).
Смислил и интересни игри инспирирани од стриповите, закачил постери со кои дел од просторијата изгледа како Готам, а направил и плејлиста со песни од филмовите и сериите за Бетмен.
„Толку многу работи се случија на оваа забава и досега не ми беше јасно колку ми било потребно повторно да се почувствувам како дете. Ова ми ја закрепна душата. Навистина сум среќна што имам ваков маж во мојот живот, кој прави да се чувствувам како херој. И, сега знам дека Бетмен е за сите!“, пишува во една од објавите на Спарки.
Спирова С. | Црнобело