Во Шведска отворен маркет без продавачи - сами си ја отклучувате вратата и си ги скенирате продуктите
- Детали
- среда, 17 март 2021
Шведскиот ланец супермаркети Coop отвори продавница без касиери која работи 24/7, каде што потрошувачите сами ги скенираат купените продукти со помош на апликација и потоа плаќаат преку неа. Истовремено, иако продавницата е заклучена, потрошувачите можат да ја отворат вратата со помош на истата апликација.
Продавниците без продавачи се идеја што постои одамна, а Amazon веќе има отворено неколку вакви продавници. Сепак, овие продавници се отворени во „нормално“ работно време, па шведскиот ланец супермаркети Coop решил да оди чекор подалеку.
Неодамна, тие отворија мал маркет без продавачи, кој работи 24 часа, 7 дена во неделата.
Ако ви затреба нешто, во кој било дел од денот, можете да го посетите маркетот, да си ја наполните кошничката и на крај сами да ги скенирате и да платите за вашите продукти. Моментално ланецот има отворено ваква продавница во Јевле, Шведска, но планираат да отворат уште неколку продавници низ државата.
„Инвестицијата во маркети без касиери и продавачи има многу потенцијал. Ние им овозможуваме на потрошувачите да ја посетат продавницата, без разлика колку е часот. Истовремено, овие продавници се одлични во сезоната на празници кога никој не работи“, изјавија од компанијата кога го претставија овој интересен проект.
Од Coop направиле и апликација за смартфон преку која потрошувачите можат да ги скенираат купените продукти и да ги платат. Истовремено, продавницата е заклучена, но потрошувачите можат да ја отклучат со помош на апликацијата.
Ова значи дека целиот систем на работа се потпира на доверба помеѓу маркетот и потрошувачите.
Многумина сметаат дека оваа идеја е особено добра во периодот на пандемијата. Бидејќи нема каса и сите ги скенираат продуктите со нивниот смартфон, во продавницата лесно ќе се избегнува метежот, а со тоа ќе се намали ризикот од пренесување на корона вирусот.
„Продавниците без касиери се како надополнување на традиционалните продавници и нудат многу нови можности. Овие мали продавници лесно можат да се преместат од едно на друго место и да се постават на локации каде што уште немаме отворено супермаркет. Ќе бидат доста ефикасни и на понаселени места и популарни туристички дестинации, каде што нема други продавници кои работат 24 часа“, пишува на сајтот на компанијата.
Што мислите, дали оваа идеја е добра и дали би можела да се реализира и кај нас?
Спирова С. | Црнобело / Фото: Coop