Дел од каналите во Венеција се пресушени – нивото на водата опаднало за речиси 50 сантиметри (фото)
- Детали
- понеделник, 01 март 2021
Само неколку месеци после поплавите предизвикани од невреме, дел од каналите во Венеција се пресушени, наводно поради необично големото повлекување на водата за време на осека, како и недостатокот од дождови кои би ги наполниле.
Светските медиуми, но и на социјалните мрежи се споделуваат фотографии од гондолите заглавени на дното на пресушените канали во Венеција, откако нивото на водата се спуштило речиси 50 сантиметри.
Во ноември 2019-та Венеција ја погоди една од најлошите поплави во последните 50-тина години, а во декември минатата година, градот се соочи со уште една поплава. Сега, пак, вторпат во три години, дел од каналите во познатиот град се без вода, најмногу поради осеката и недостатокот од дожд.
Претходно, градоначалникот на Венеција ги обвини климатските промени за поплавите. А сега, многумина сметаат дека и во овој случај, барем делумно, повторно се „виновни“ климатските промени.
Експертите сметаат дека нивото на вода во каналите ќе почне да се враќа во нормала во текот на неделава.
Последен пат каналите во Венеција пресушија во 2018-та, повторно поради осеката и недостатокот од дожд. Според The Independent, ова се има случено неколкупати, а нивото на водата се спуштило најмногу во 1934-та – дури 121 сантиметар.
Скоро секогаш причината e недостатокот од дожд, како и влијанието на Mесечината врз плимата и осеката.
Спирова С. | Црнобело