Maж од Кина мора да ѝ плати 7.700 долари на поранешната сопруга бидејќи не помагал во домашните обврски
- Детали
- среда, 24 февруари 2021
Во Пекинг, судот му наредил на еден маж да ѝ плати 7.700 долари на поранешната сопруга за сите обврски што ги завршувала во домот, во петте години додека биле во брак - сето ова поради закон кој стапи на сила во Кина во јануари годинава.
Светските медиуми пренесуваат дека во јануари, во Кина на сила стапи закон според кој сопружникот кој минува повеќе време со децата и завршува поголем дел од домашните обврски, има право да бара надоместок за тоа доколку дојде до развод. Токму поради овој закон, судот во Пекинг му наредил на еден маж да ѝ плати 7.700 долари на поранешната сопруга.
Мажот, кој самиот поднел барање за развод, ја запознал сопругата во 2010-та. Тие стапиле во брак во 2015-та, а во 2018-та почнале да живеат одвоено. Парот има и еден син кој живеел со мајка му, а мажот поднел барање за развод во 2020-та.
Како одговор на барањето за развод, жената побарала да го поделат заедничкиот имот, но и да добие паричен надомест за домашните обврски и грижатa за детето, бидејќи мажот не правел ништо од тоа. Жената изјавила и дека мажот ја изневерувал.
Покрај оваа сума, мажот ќе треба да ѝ плаќа и алиментација за детето.
Според некои истражувања, жените во Кина трошат речиси 4 часа дневно за домашните обврски. За споредба, мажите трошат најмногу час и половина. А, ова не е проблем што постои само во Кина.
Истражувања направени во многу други држави даваат слични резултати – повеќето жени трошат огромен дел од времето во домашни обврски, без разлика што одат и на работа, додека нивните партнери речиси и воопшто да не им помагаат.
Ова не е единствениот нов кинески закон што ја изненади јавноста. Неодамна се појави закон според кои паровите кои сакаат да се разведат мораат да почекаат 30 дена. Односно, треба да почекаат да помине таканаречениот период на „ладење“ и да размислат пред да поднесат барање за развод. Ако некој од партнерите се премисли и повеќе не сака да се разведе, другиот партнер ќе треба да чека уште 30 дена за да поднесе ново барање.
Наводно, целта им била за да ги спречат „импулсивните“ разводи, бидејќи во државата бил забележан пораст на бројот на разводи. Сепак, овој закон не важи во случај на домашно насилство, но многу експерти сметаат дека е непотребен и само ги комплицира нештата.
Што мислите вие за необичните закони во Кина?
Спирова С. | Црнобело