Лажела дека има рак на „GoFundMe“, а собраните пари ги трошела на шопинг, коцкање и патувања
- Детали
- петок, 12 февруари 2021
Никол Елкабас (42) од Кент, позната како жената која лажеше дека има рак за да собере пари за лечење, беше осудена со затворска казна во времетраење од 2 години и 9 месеци.
Таа лажела дека боледува од рак на јајниците и преку „GoFundMe“ собирала средства за нејзиното „наводно лечење“. Никол успеала да собере 51.000 евра помош од околу 600 луѓе кои сакале да ѝ помогнат на оваа мајка на една ќеркичка.
Нејзината измама беше откриена и е прогласена за виновна од страна на судот во Кент. Парите кои ги собрала ги искористила за шопинг, патување во Барселона и Рим и обложување.
Таа, на страната на „GoFundMe“ имала објавена и лажна фотографија од болницата во која наводно се лекувала. Истата била направена после нејзина операција на жолчката.
Покрај фотографијата напишала опис дека има дијагноза рак на јајници и подлежи на агресивна хемотерапија. Обвинителството сето ова го наведе како „одвратна лага и манипулација“.
Во своја одбрана, Никол изјавила дека навистина верувала дека има рак.
Судијата Марк Викес, во пресудата изјавил дека ги лажела и манипулирала со луѓето:
„Сте се коцкале, сте уживале во патувањата и во луксузи во Италија и Шпанија на туѓа сметка, додека сте фалсификувале детали и наводни докази за медицински третмани“.
На судењето, гинекологот на Никол, Хемфри Морис, изјавил дека никогаш не ѝ бил дијагностициран рак на јајниците.
Е. П. | Црнобело / фото: kentonline.co.uk