Џеф Безос се повлекува од функцијата извршен директор на Amazon: Што пишува во писмото до неговите милион вработени?
- Детали
- среда, 03 февруари 2021
Џеф Безос се повлекува од функцијата извршен директор на Amazon, речиси 27 години после основањето на компанијата која денес вреди околу 1,7 трилиони долари.
57-годишниот милијардер ги сподели новостите со писмо до сите 1,3 милиони вработени во Amazon, нагласувајќи дека нема да се пензионира, туку ќе се фокусира на неговите страсти, како компанијата Blue Origin – ривалот на SpaceX на Маск – и подвизите против климатските промени.
Наводно, позицијата на Безос ќе ја наследи 53-годишниот Енди Џеси, кој моментално е извршен директор на Amazon Web Services.
Од третиот квартал на 2021-ва, Безос ќе биде претседател на управниот одбор на Amazon, што значи дека уште ќе има удел во важните улоги.
„Драги вработени, со задоволство ви соопштувам дека во третиот квартал на годината ќе станам претседател на управниот одбор на Amazon, а Енди Џеси ќе стане новиот извршен директор. Со мојата нова позиција ќе ги насочам енергијата и вниманието на нови продукти и иницијатива. Енди е добро познат во компанијата и е дел од Amazon речиси исто колку мене. Тој ќе биде неверојатен лидер и му верувам целосно“, почнува писмото на милијардерот.
„Ова патување почна пред околу 27 години. Amazon беше само идеја и немаше име.
Денес, ние имаме вработено 1,3 милиони талентирани, посветени луѓе, услужуваме стотици потрошувачи и бизниси, и сме познати како една од најуспешните компании во светот“.
Во писмото Безос вели дека нивните изуми се она што ја направило компанијата голема. Изумите како Kindle и Alexa, кои денес ги користат милиони, се причината за големиот успех на Amazon.
„Заедно правевме луди работи, и ги направивме нормални. Ако правилно го изведете планот, само неколку години после лудиот нов изум, тој изум станува нормален. Луѓето се проѕеваат кога го користат. А, тоа проѕевање е најголемиот достиг на еден изумител.
Не знам за друга компанија која има толку многу изуми како Amazon и сметам дека засега сме најинвентивни. Се надевам дека сте горди на нашата инвентивност исто како и јас. И треба да бидете“, пишува Безос.
„Да се биде извршен директор на Amazon е голема одговорност. Кога имате толкава одговорност, тешко е да се фокусирате на нешто друго. Како директор на управниот одбор, јас ќе бидам вклучен во важните одлуки за компанија, но ќе имам време и енергија да се фокусирам на Day 1 Fund, Bezos Earth Fund, Blue Origin, The Washington Post и моите други страсти. Никогаш не сум имал повеќе енергија и ова не е пензионирање. Навистина сум возбуден за позитивното влијание што овие организации можат да го имаат“.
На крај, Безос им дал и совет на вработените:
„Продолжете да измислувате работи и не очајувајте ако на почеток идејата ви изгледа лудо. Не заборавајте да лутате. Дозволете ѝ на љубопитноста да биде вашиот компас“, завршува неговото писмо.
Безос ја основа Amazon во 1994-та, со неговата поранешна сопруга Мекензи. Компанијата го направи најбогатиот човек на планетата. Безос ја држеше оваа позиција неколку години, но пред некој месец падна на второто место, а на врвот застана Илон Маск. Сега, пак, според Forbes, Безос повторно е најбогатиот човек на планетата и неговото богатство се проценува на околу 196 милијарди долари.
Спирова С. | Црнобело