Драма на аеродром во Катар: „Најдовме бебе во канта, мора да ги прегледаме сите жени-патници“
- Детали
- понеделник, 26 октомври 2020
Австралијанците се згрозени од инцидентот кој се случил на лет од Доха до Сиднеј – сите жени патници биле приморани да одат на медицински преглед да проверат која се породила неодамна, бидејќи било пронајдено оставено новороденче во тоалетот.
Вистинска драма се случувала на аеродромот во Доха на 2-ри октомври, а Австралија бара одговорност од Qatar Airways откако жените проговореле за непријатното искуство.
Сите возрасни жени кои биле на летот од Доха до Сиднеј преку Qatar Airways имале телесен, медицински преглед, на кој требало да се утврди дали некоја од нив има знаци на неодамнешно породување, бидејќи во тоалетот на аеродромот било пронајдено новороденче оставено во канта.
Од 13 Австралијанки одеднаш било побарано да ги дадат пасошите и да појдат со надлежните, а биле одведени во амбуланта каде им било кажано да се соблечат за да бидат прегледани, без никакво друго објаснување.
Според жените кои решиле да прозборат за инцидентот, откако уплашено прашувале што се случува, во амбулантата само им кажале: „Најдовме бебе во канта, мора да ве прегледаме сите“.
„Ми се тресеа нозете. Бев преплашена, тие сакаа да ме одведат некаде. Зошто едноставно не ни објаснија што се случува? Беше ужасно. Не можам да замислам како им беше пак на помладите девојки“ – сведочи за Guardian Ким Милс, жена во своите 60-ти години, на која заради возраста на крај не ѝ бил направен преглед.
Сите жени биле преплашени и знаеле дека не е во ред тоа што се случува, но немале друг избор. Откако се вратиле во Австралија, тие сфатиле дека мора да направат нешто, се организирале и го пријавиле случајот во федералната полиција.
Австралиската влада смета дека ова била ужасно вознемирувачка и навредлива постапка, а случајот ќе биде детално разгледан и ќе се одлучува за следните чекори.
Инаку, пронајденото бебе е згрижено од медицински и социјални работници.
M. M. | Црнобело/ фото: depositphotos.com