Туристичката сезона во Грција почнува во јуни – каков е деталниот план за туристи, кампови и хотели?
- Детали
- четврток, 21 мај 2020
Објавен е планот за рестартирање на туризмот во Грција - камповите и хотелите почнуваат да се отвораат од први јуни, останатите сместувања и аеродромите малку подоцна.
Министерот за туризам, Хари Теохарис во средата го презентираше планот за реотворање на секторот по кризата со корона вирусот.
На туристите ќе им биде овозможено да влегуваат во Грција без да прават тест за корона вирус и без мерка карантин, кога ќе започнат интернационалните летови на 1-ви јули.
Сепак, ова не важи за сите земји. Според министерот, од 15-ти јуни ќе им биде дозволен влез на туристи од земји кои ќе бидат одбрани според епидемиoлошки критериуми.
Министерството ќе објави листа на земји од кои ќе биде овозможен влез за туристи во Грција, до крајот на мај, а како пример министерот ги дал земјите од Балканот, како и Кипар и Израел.
„Рестарт на туризмот“ е детален план со кој туризмот во Грција ќе се врати повторно, но постепено, безбедно и ефикасно.
Сето ова ќе оди според посебни протоколи, кои ќе бидат спроведени во хотелите, туристичките автобуси, компаниите за изнајмување автомобили, бродовите, траектите, авионските линии и аеродромите.
Овие протоколи ќе бидат објавени подоцна, но најважно им е вработените и посетителите да бидат безбедни, но и зајакнување на здравствената инфраструктура на туристичките места.
Планот за рестарт на туризмот ќе оди според следната временска рамка:
25-ти мај, понеделник: Ќе бидат отстранети рестрикциите за јахти
1-ви јуни, понеделник: Камповите и хотелите кои работат цела година се отвораат
15-ти јуни, понеделник: Сите останати сместувања (сезонски хотели и ресорти) ќе бидат отворени. Истиот ден започнува првата фаза од намалување на рестрикциите за интернационални летови, а авионите прво ќе слетуваат само на атинскиот аеродром.
1-ви јули, среда: Втората фаза од попуштање на рестрикциите на интернационалните летови на сите грчки аеродроми
15-ти јули, среда: Постепено укинување на останатите рестрикции
М. М. | Црнобело / фото: depositphotos.com
Би можело да ве интересира:





