СЗО објави 6 услови за намалување на строгите мерки за заштита – што треба да исполнуваат државите?
- Детали
- четврток, 16 април 2020
Во период кога владее пандемија на корона вирусот од кој бројот на заболени во светот постојано расте, не е воопшто лесно да се каже кога точно ќе се стави крај на истата, но има одредени услови кои треба да се исполнат за да може да се намалат мерките.
За да се спречи масивното ширење на пандемијата, речиси повеќето земји во светот имаат воведено строги мерки, зависно од условите, ситуацијата и потребите.
Препораките за социјална дистанца и самоизолација постојат секаде, голем број објекти се затворени, а кај нас има дополнителни мерки за ограничување на движењето на граѓаните во одредени делови од денот. Колку повеќе ги почитуваме мерките – толку побрзо ќе може да се заврши ова.
Но, за да се нарече некаков крај и за да се олабават рестриктивните мерки, една држава треба да исполнува 6 услови според Светската Здравствена Организација.
Со оглед на тоа што моментално бројката на светско ниво достигнува речиси 2 милиона, а во голем број земји ситуацијата не е драстично подобрена, мора да се внимава при ублажување на мерките. Иако економијата страда, не смее да се дозволи одеднаш да се ублажат мерките за заштита и да се случи уште едно несакано сценарио.
Секоја држава која ќе сака да почне да ги намалува рестрикциите, мора да ги исполнува следниве критериуми, според директорот на СЗО, Тедрос:
1. Ширењето на заразата е под контрола.
2. Здравствениот систем е способен да го „детектира, тестира, изолира и лечи секој случај и да го следи секој негов контакт“.
3. Ризикот од жаришта на ранливи места е минимизиран, како на пример домови за стари лица.
4. Училиштата, работните средини и другите суштински места имаат воведено превентивни мерки.
5. Ризикот од влегување на нови случаи „може да биде менаџиран“.
6. Заедниците се целосно едуцирани, ангажирани и охрабрени да живеат под нови нормални услови.
Сепак, ова не е толку едноставно и станува збор за цела стратегија за соочување и надминување на пандемијата.
Министерот за здравство, Венко Филипче, напомена дека наскоро кај нас ќе се разговара за начин на кој може да се ублажат мерките во периодот кога ќе се одлучи дека е време за тоа. Засега, веројатно уште е рано, со оглед на тоа што пикот се очекува кон крајот на април и почетокот на мај.
Па, додека да се подобри ситуацијата, да останеме дома, да одржуаме растојание од 2 метри кога мора да излеземе и да помогнеме што побрзо да заврши ова.
М. М. | Црнобело / Фото: depositphotos.com
Би можело да ве интересира:





