Додека совесните остануваат дома, младите ја користат ситуацијата за евтини летови – до каде оди свеста?
- Детали
- четврток, 12 март 2020
Додека голем број луѓе низ светот се во домашен карантин заради сопствена заштита, но и совесност за јавното здравје, младите одлучуваат овој период да го искористат за купување евтини авионски карти и патувања - што мислите за ова?
Земјите низ светот каде корона вирусот е застапен кај голем број пациенти затвараат образовни институции, а на некои места дури и поголем дел од граѓаните се во домашен карантин.
Речиси секаде се апелира граѓаните да го ограничат движењето доколку не е неопходно, да се избегнуваат настани со многу луѓе и поголемиот дел од слободното време да се поминува дома, како и да се избегнуваат патувања во овој период.
Сепак, за голем број млади луѓе очигледно овие мерки се незначајни и корона вирусот не допира до нив, па покрај тоа што не одлучуваат да останат дома, го користат моментот да купат што поевтини авионски карти за пролетни и летни патувања.
Па, додека повозрасните и посовесните граѓани ги откажуваат патувањата од секаков тип, младите низ светот се спротивставуваат на пандемијата и сметаат дека ова е нивното време за евтино летање и патување (не зборуваме за оние кои од здравствени и други оправдани причини мора да патуваат).
Секако дека животот на луѓето не треба да запре, но секој треба да ги следи препораките и може да издржи одреден период да помине во домот, а посебно во денешно време тоа не би требало да биде никаков проблем со оглед на технологијата, начините на комуникација со семејството и пријателите и многуте активности и работи кои може да се завршат од телефон, лаптоп и други електронски уреди.
Но, тоа не е доволно за голем број луѓе, како што е на пример Ешли Хенкел, 20-годишна девојка која живее во Калифорнија и веќе има букирано 3 евтини летови за да ја види Северна Америка.
Таа е една од многуте студенти ширум светот кои не ја сфаќаат сериозно ситуацијата и си велат „што биде нека биде“ или со нејзини зборови:
„Мојот став е дека ако корона вирусот стане посериозен и наштети на огромен број луѓе, јас барем ќе бидам некаде каде што ќе се забавувам“ – изјавила во порака таа за NBC News.
Таа уште од пред некој период размислувала летото да го помине во патувања, но летовите биле скапи. Ситуацијата во светот заради корона вирусот придонесе за намалени цени на авионските карти со оглед на тоа што авионските компании имаат сѐ помалку патници и се соочуваат со огромни загуби.
Ешли е само една помеѓу многу млади луѓе кои сигурно ги има и кај нас, а се подготвени да ризикуваат сѐ - себеси, но и здравјето на нивните блиски, на повозрасните луѓе со други заболувања, како и да му наштетат на јавното здравје.
Иако не треба да се паничи и да ги поминувате деновите во параноја, сепак треба свеста на граѓаните низ целиот свет да биде голема и да се потрудиме колку што може повеќе да се заштитиме себеси, а со тоа и сите останати околу нас.
Почитувајте ги мерките кои се воведуваат во нашата земја, следете ги правилата за заштита, пронајдете активности со кои ќе си го направите секојдневието поинтересно и издржете барем некој период додека ситуацијата не се среди.
Се надеваме дека наскоро ќе можеме сите безгрижно да патуваме, но дотогаш - останете безбедни.
Предлог активности во овој период:
Возрасните секогаш може да го поминат времето во работа и едуцирање од дома, гледање онлајн курсеви, филмови, серии и што уште не.
Може да ги искористите нашите категории ФИЛМ (за идеи за филмови и серии) и КВИЗОВИ (за мал дел од денот да поминете во забава).
Ако сте родител, искористете некоја идеја за активности со деца во домот:
- За оние кои се дома со децата: предлог игри и активности (фото + видео)
- 11 одлични филмови за вашите деца за кога сакате да одморите
М. М. | Црнобело / фото: depositphotos.com
Би можело да ве интересира:





