Улични артисти „оживеале“ шпанско село со прекрасни мурали како тантела
- Детали
- понеделник, 26 август 2019
Во еден мал град во северна Шпанија, двајца улични артисти решиле да ја вратат традицијата и да го зближат народот. И покрај тоа што има само 2.100 жители, селото Белорадо има навистина богата култура.
Уличните артисти NeSpoon и Реге Фернандез ја истражиле историјата на местото и ја искористиле како инспирација за да трансформираат 8 згради на главниот плоштад.
Плоштадот San Nicolás е важно место за жените од Белорадо. Токму овде тие ја играле традиционалната игра bolo beliforano – игра слична на куглање што ја играат само жени.
Културната организација StARTer ја искористила оваа традиција за да го нагласи присуството на жените во јавниот простор.
NeSpoon минувал време со локалните жители и ги проучувал традиционалните дезени на чипка во областа. Токму овие мотиви можат да се забележат во многу од муралите што ги направил.
Фернандез пак ја истражувал фотографската историја на играта. Неговите мурали се инспирирани од фотографија од 1917-та година на која се гледаат жени кои се грижат за своите деца додека учествуваат во играта.
Оваа фотографија е најстариот визуелен доказ за оваа игра и покажува како овие жени лесно наоѓале рамнотежа помеѓу семејството и забавата.
За да го прослават украсувањето на градот, локалните жители се собрале на плоштадот, а жените стоеле во центарот. Продолжувајќи ја традицијата на bolo beliforano, тие му оддале почит на нивното наследство.
Спирова С. | Црнобело