„Не правете селфи со гладното животно“ – Изгубена поларна мечка лута низ отпад во Русија
- Детали
- четврток, 20 јуни 2019
Изгубена поларна мечка лута низ отпад во Русија илјадници километри оддалечена од Арктикот, а локалците си го ризикуваат животот за селфи фотка.
По социјалните мрежи и светските медиуми вирално се проширија фотки и видеа од залутана поларна мечка во околината на Сибир, далеку од нејзиниот дом.
На фотките може да се забележи како мечката талка по отпад барајќи храна, а дури е забележана и на улица, среде сообраќај.
„Мечката е прегладнета, слаба и изнемоштена, а шета наоколу за да најде храна, па не обрнува внимание на луѓето и автомобилите“, вели експерт за диви животни.
Климатската криза ги има оштетено ледените живеалишта на поларните мечки, па тие се приморани да дојдат на копно, во контакт со луѓе, а според специјалистите, ова е првата мечка забележана во градот по 40 години.
Локалците пак, „возбудени“ од целата ситуација, прават непромислени одлуки и си го ризикуваат животот доближувајќи се до мечката за да си направат селфи.
„Бев многу изненаден што гледам како луѓето ѝ се приближуваат и до 30 метри само за да направат селфи со мечката. Некои дури ги носеа и децата со нив. Заедно со родителите децата излегуваа од автомобили и одеа по мечката. И сè само заради селфи... останав без зборови.“ – изјавил локален камерман.
По овие несовесни постапки, специјалисти за животни советуваат луѓето да не му се приближуваат на гладното животно бидејќи може да биде опасно.
Руските власти сега се обидуваат да ја спасат мечката покрај стравот дека може да нападне.
Тим специјалисти од зоолошка е испратен да направи проценка на условите и да ја успијат мечката, а потоа ќе биде одлучено дали ќе се транспортира до Арктикот или ќе се однесе во зоолошката во тој регион.
Фотки од залутаната поларна мечка:
М. М. | Црнобело