Комичар стана претседател на Украина – дали обичниот народ конечно се освестува?
- Детали
- понеделник, 22 април 2019
Владимир Зеленски е името кое испишува историја во Украина. Имено, 41-годишниот актер, односно комичар освои убедлива победа со над 70% поддршка од гласачите наспрема актуелниот претседател Петро Порошенко, за кого гласале околу 25% од гласачите.
Порошенко го признал поразот и му честитал на победникот, потенцирајќи дека нема да се повлече целосно од политичката сцена: „Ќе останам во политиката и ќе се борам за Украина“.
Од друга страна пак, Зеленски изјави дека никогаш нема да го изневери народот на Украина. „Додека сè уште не сум формално претседател, како државјанин на Украина можам да им кажам на сите постсоветски држави: Погледнете нè! Сè е можно“ – додаде Зеленски.
Комичарот се прославил со улогата во сатиричната драма „Слуга на народот“, во којашто неговиот лик сосема случајно станува претседател на Украина. Неговата политичка партија го носи истото име како и онаа во ТВ серијата.
Зеленски нема никакво политичко искуство. Тој е оженет со Јелена од 2003 година, која е економист по професија. Двојката има 2 деца, 13-годишниот Александар и 4-годишниот Кирил.
Дали народите во другите држави конечно се освестуваат, потенцирајќи дека им е доста од политичарите?
(О)Милена | Црнобело