Студенти собрале пари за омилениот хигиеничар од факултетот да си го посети семејството
- Детали
- петок, 21 септември 2018
Неговиот ведар дух и советите што им ги давал на студентите за позитивен став кон животот го направиле легенда, па студентите му возвратиле во иста мера.
Херман Гордон (65) со години работел како хигиеничар на Универзитетот во Бристол во Велика Британија. Тој бил омилен меѓу студентите поради својот ведар дух и тие одлучиле да го изненадат.
Група од 230 студенти собрала 1.965 долари и парите ги ставиле во плик и му ги подариле на Гордон за да може да оди да го посети своето семејство на Јамајка. Тој бил трогнат од потегот и плачел, а сега објавува и фотки од тоа како рајски ги минува деновите, благодарение на студентите.
Студентите сакале Гордон и неговата сопруга да го посетат неговото семејство на Јамајка и да минат и два дена во луксузен ресорт, каде ќе прослават 23 години од брак.
Хигиеничарот изјави дека никогаш не видел толку пари наеднаш во својот живот и дека не му се верува колку прекрасен гест направиле студентите.
Студентите велат дека неговата позитивна енергија и разговорите со него на многу од нив мрачните денови им ги претвориле во позитивни и полни со радост. Тој им докажувал дека среќата не лежи во тоа што работиш или колку пари имаш, туку во тоа како гледаш на животот.
Дел од фотките од одморот на Херман:
С. С. | Црнобело