Прегледот е со голи раце, трудниците не лежат при породување: 14 факти за бременоста во Северна Кореја
- Детали
- вторник, 24 јули 2018
Знаевте ли дека кондомите се забранети, а тестовите за бременост се продаваат исклучиво на црно во Северна Кореја? И зошто децата близнаци се посреќни од останатите бебиња во оваа земја?
Кога и да се спомене името на Северна Кореја, секогаш буди асоцијации на нешто таинствено и мистично. Малкумина знаат како реално се живее во оваа херметички затворена држава, којашто егзистира речиси отцепена од остатокот на светот.
Сте се запрашале ли каков е третманот на трудниците и нивните деца? Во какви услови работат болниците каде се раѓаат новите генерации? Колкави права и слобода имаат жените во одлуката да (не) станат мајки?
Дознајте од четиринаесетте необични, но вистинити факти за бременоста во Северна Кореја:
1. Докторите рачно ја проверуваат бременоста.
Со исклучок на поголемите болници, како што е гинеколошко-акушерската клиника во Пјонгјанг, мнозинството локални болници во Северна Кореја немаат апарати за ултразвук.
Поради недостатокот на современа медицинска опрема, докторите ги прегледуваат трудниците со своите голи раце, пренесува весникот The Guardian.
2. Жените се пораѓаат во исправена положба.
Во светот постојат низа дебати околу оптималната позиција за раѓање на бебето. Повеќето болници ја применуваат хоризонталната, а идните мајки немаат ништо против да се породат легнати на грб.
Во Северна Кореја, пак, жените се силно охрабрувани тоа да го сторат во исправена положба. Според податоците на Birth International, ова и не така лоша идеја, колку што првично звучи.
Трудниците немаат никакви компликации, а наводно и загубата на крв е помала. Истовремено им ја олеснуваат и работата на вработените во болницата.
3. Контрацепцијата не е легална.
Користењето кондоми при интимните односи е од исклучителна важност за превенција на полово преносливи болести, или, пак, избегнување на несакана бременост. Низ земјите ширум светот се водат масовни кампањи, како и обуки по училиштата на оваа тема.
Во Северна Кореја не е така. Ниту малите, а ни возрасните немаат поим за контрацептивните средства, бидејќи истите се нелегални. Единствената дозволена заштита е апстиненцијата, односно воздржувањето од секс, тврди Daily NK.
4. Тестовите за бременост се продаваат исклучиво на црно.
Во развиените земји се на пазарот од 1970-тите, па секоја девојка може да си купи домашен тест за бременост од аптека или дрогерија. Не и во Северна Кореја. Таму жените дури неодамна дознаа и дека воопшто постојат.
Полибералните доктори неретко преземаат ризик, па ги прекршуваат строгите правила, излегувајќи им во пресрет на пациентките. Тестовите за бременост се продаваат исклучиво на црно.
Дилерите ги шверцуваат од Јужна Кореја и чинат многу поскапо од тие во Кина. Целата постапка се изведува во тајност, но сѐ поголем е бројот на акушери што се осмелуваат на ваков потег, открива Daily NK.
5. Предвремено родените деца се чуваат во стари инкубатори.
Во споредба со минатото, денеска се далеку поголеми шансите за преживување, односно нормален раст и развој на недоновчињата, пред сѐ благодарение на модерната технологија.
Меѓутоа, се чини како времето да застанало на клиниките во Северна Кореја. Според The Washington Post, предвремено родените деца сѐ уште се чуваат во стари инкубатори. И останатите апарати се застарени.
Одговорот што репортерите го добиле од болничкиот персонал е дека тие „само изгледаат старо однадвор, додека внатрешните делови им се нови.“
6. Близнаците добиваат посебен третман.
Двојките, тројките и повеќето родени деца одеднаш, во Северна Кореја се сметаат за „знак на добра среќа“. Затоа ваквите бебиња имаат посебен третман. Сместени се во засебни одделенија каде добиваат поелитна грижа.
Близнаците се привилегирани и во понатамошниот тек од животот, така што посетуваат специјални училишта и се стекнуваат со подобро образование. Непознато е дали и нивните мајки уживаат некакви бенефиции.
7. Новороденчињата ги обвиткуваат со заврзани ќебиња.
Непосредно по породувањето, бебињата се заспиваат во топло и пријатно ќебенце, каде ќе се чувствуваат сигурно како во мајчината утроба. При посетата на гинеколошко-акушерската клиника во Пјонгјанг, репортерите на The Washington Post забележале дека новороденчињата во Северна Кореја ги обвиткуваат со заврзани ќебиња.
Останува нејасно дали станува збор за дел од културата, или, пак, истото има некаква практична намена, бидејќи вработените во болницата не биле расположени за одговор на ова прашање.