„Ослабев 130kg откако колабирав пред мојата 6-годишна ќерка поради дебелината – сакам да бидам таткото што го заслужува“
- Детали
- вторник, 22 април 2025
Англичанецот Кени Хигинс изгубил свест додека бил во маркет со неговата 6-годишна ќерка поради низа здравствени проблеми предизвикани од дебелината. Откако поминал 3 недели на интензивна нега, направил пресврт во својот живот и вели дека сега е нов човек, но и татко каков што неговата ќерка заслужува.
Кени Хигинс од Англија ослабел дури 130 килограми откако сфатил дека дебелината сериозно му го загрозува животот и почнал да стравува дека нема да може да се грижи ни за ќерка му.
Поради дебелината, 48-годишниот Кени постојано чувствувал болки во зглобовите и доста често имал инфекции.
Со години јадел само нездрава храна, но се освестил дека мора да направи промена откако колабирал додека било во маркет со неговата шестгодишна ќерка.
Кени веднаш бил пренесен во болница и поминал три недели на интензивна нега.
„Докторите ми кажаа дека ќе добијам инфаркт. Дури и ми рекоа дека нема да се обидуваат да ме вратат во живот ако ми застане срцето, бидејќи беа сигурни дека нема да преживеам.
Но, се случи чудо и некако успеав да заздравам. Тогаш се освестив дека морам да направам промена“, раскажува Кени.
Сакајќи да се ослободи од вишокот килограми, Кени се пријавил во англиска организација за слабеење, каде што добивал помош од експерти.
Дотогаш, тој многупати пробувал да ослабе, но резултатите никогаш не биле трајни.
„На училиште отсекогаш бев ’поголемото‘ дете и ме исмејуваа за тоа. А, како што стареев, состојбата само ми се влошуваше. Едвај живеев пред да почнам со планот за слабеење.
Ми беше страв да излегувам од дома, а кога излегував, беше само за да отидам до болница. Стигнав до точка каде што имав премногу проблеми со здравјето.
Тежината ми создаваше силна болка во зглобовите и едвај можев да одам. Покрај тоа, имав сериозна болка во грбот, астма и постојано имав воспаленија“.
Низ годините, по препорака од неговиот лекар, Кени се обратил кај неколку нутриционисти, но никогаш не постигнал некој значаен резултат.
Пред околу десет години, првпат се зачленил во организацијата за слабеење и тогаш забележал напредок. Но, престанал да ја следи програмата поради други проблеми во животот.
Сепак, по последниот престој во болница, се охрабрил да почне уште еднаш.
„Бев загрижен дека од организацијата ќе ме осудуваат бидејќи си ги вратив сите килограми. Но, жената која работеше со мене ме охрабри дека штом сум успеал еднаш, можам да успеам повторно“.
Кени почнал да се храни здраво и наместо да следи строги правила, се фокусирал на тоа да внесува повеќе свежа и здрава храна.
„Многу диети се фокусираат на ограничување на намирниците или потиснување на апетитот, но јас знам дека тоа не функционира за мене.
Научив како да внесувам помалку калории, но да не се ограничувам со изборот на храна. Порано храната ја гледав како утеха и јадев само брза храна.
Трошев многу пари на достава и кога некогаш не нарачував, се случуваше од рестораните да ми се јават и да ме прашаат дали сум добар. Сега си го променив односот со храната“.
Кени вели дека не брзал да почне веднаш со физичка активност.
„На почетокот не можев ни да помислам на вежбање. Но, како што минуваше времето, имав повеќе енергија и почнав да пешачам. Неодамна почнав и да трчам“.
Сега на 48-годишна возраст, Кени вели дека го живее својот втор живот.
„Здравјето значително ми се подобри. Претходно ми беше страв да излезам во јавност, но сега најмногу сакам да одам на кафе.
Сакам да бидам добар татко и сега можам да бидам родителот што ќерка ми го заслужува. За мене, ова е само почеток“.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





