Се омажи ќерката на Михаел Шумахер - Се верува дека и татко ѝ присуствувал, телефоните биле забранети
- Детали
- понеделник, 30 септември 2024
Свадбата ја направиле на имотот каде што 4 години престојува Михаел Шумахер, за да може и тој да ја види ќерката како се мажи. Гостите уште на врата ги оставале мобилните телефони. Што знаеме за свадбата на Џина Шумахер со нејзиниот долгогодишен партнер?
Ќерката на светски познатиот Формула 1 возач Михаел Шумахер, Џина (27) во саботата (28.09) се омажи за нејзиниот долгогодишен дечко Иан Бетке.
Церемонијата се одржала на приватниот имот на семејството Шумахер на Мајрока.
Свадбената фотографија на Џина Шумахер
Како што пишуваат германските и светските медиуми, од гостите било побарано уште на врата да ги остават мобилните телефони, со цел да не протечат недозволени фотографии од имотот каде што се одржувала церемонијата.
Според германскиот весник Bild, пак, мобилните телефони најверојатно биле одземени затоа што на свадбата присуствувал и таткото на невестата, за чија здравствена состојба веќе 11 години не се знае ништо.
Џина, која тргна по стапките на мајка ѝ, и се натпреварува во трки со коњи, се омажи за својот колега и партнер Иан Бетке, со кого е во врска веќе седум години.
Се претпоставува дека свадбата била одржана токму на имотот во Мајорка, затоа што татко ѝ Михаел, бил преместен таму уште во 2020-та година, па на тој начин и тој би можел да присуствува на церемонијата.
Фотографии од далечина од свадбата на Џина
Имотот се протега на површина од 15.000 метри квадратни и има два базени, хелиодром, теретана и огромна градина со палми.
Ден пред свадбата, во петокот, Џина имала моминска забава, а била организирана и приемна забава за гостите коишто доаѓале од повеќе земји во светот.
Претсвадбената забава на Џина
Во саботата таа застанала пред олтар со својот сакан.
Целата церемонија траела околу половина час, а засега не се знае колку точно гости присуствувале на забавата.
Фотографии од далечина од свадбата на Џина
Гостите ги забавувале кантри музичари, а се верува дека меѓу поканетите бил и стрикото на невестата, Ралф Шумахер и неговиот партнер Етјен Буске Касањ, како и голем број други колеги на нејзиниот татко.
Шпанските медиуми објавија неколку фотографии направени од далечина. Се верува дека на забавата имало посебен кодекс на облекување, па од дамите се барало да носат долги фустани, додека од мажите се барало да носат костуми, но без вратоврски.
Прочитајте и Копија на татко ѝ: Што прави и како изгледа денес ќерката на Михаел Шумахер?
Б. С. Б. | Црнобело