Татко и ќерка со ангелски крилја – Нова статуа од Коби Брајант и Џиџи од нивниот последен изгледан натпревар
- Детали
- сабота, 03 август 2024
Лејкерси ја открија најновата статуа од прерано починатите Коби Брајант и ќеркичката Џиџи – ја отсликува нивната прегратка и татковски бакнеж на последниот изгледан натпревар, датумот има симболично значење, а испишани се и зборовите на Коби за неа...
На приватна церемонија, во петокот, 2 август 2024, Los Angeles Lakers ја открија втората од вкупно три статуи кои се посветени на Коби Брајант.
Тие се поставени пред Крипто арената на Лос Анџелес, а на оваа, се прикажани ѕвездата на Лејкерс и неговата ќерка Џиџи, кои прерано загинаа во хеликоптерска несреќа во 2020.
Статуата ги прикажува двајцата, како седат прегрнати и Коби ја бакнува ќерката во чело, додека следат натпревар на Лејкерс, неполн месец пред смртта.
Коби и Џиџи седат на столчиња, а двајцата се покриени со ангелски крилја и околу нив има цвеќиња во боите на клубот – виолетова и жолта.
Пред статуата се испишани зборовите на Коби за неговата ќерка:
„Џана е ѕверка. Таа е подобра отколку јас на нејзини години. Девојчињата се прекрасни. Би имал уште 5 ќерки да можам. Јас сум татко на девојчиња“.
На својот Инстаграм профил, фотките ги објави и Ванеса Брајант, сопругата на Коби и мајка на Џиџи, и само го напиша датумот на откривање на статуата.
Инаку датумот 02.08.2024 е посебно избран бидејќи има значење за двајцата – во текот на 20-те сезони во Лејкерс, бројот на дрес на Коби беше 8 и 24, а на Џиџи беше 2.
М. М. | Црнобело