„Куче ми го одгриза носот - луѓето ме зјапаа, а по 14 операции конечно имам нормален лик“
- Детали
- петок, 15 март 2024
Американец бил нападнат од своето куче кое му го одгризало носот - многу хирурзи го одбиле за операција, но тој успеал да најде доктор кој се сложил да му го реконстриура ликот и 4 години подоцна, му го вратиле нормалниот лик.
Ендру Коплав (37) од Масачусетс, САД во 2017 година бил нападнат од неговото куче милениче.
Во страшниот напад, кучето одгризало дел од увото на Коплав, а скоро целосно му го унаказило и носот. Ендру останал со голема дупка и повреди на местото каде што некогаш се наоѓал неговиот нос.
Повредите биле толку лоши, што тој се срамел да излезе од дома. Во оние ретки моменти кога излегувал, носел фластер за луѓето да не зјапаат во него, за да не го покажуваат со прст и да не се плашат кога ќе го видат.
По нападот, Ендру имал 14 операции за реконструкција на носот. Операциите дел по дел му го враќале носот во првобитната положба и тој денес има нос каков што имал и пред нападот.
„Пред реконструкцијата ја изгубив целата самодоверба. Луѓето зјапаа, странци со кои ќе се разминев на улица ме прашуваа што ми се случило. Ми беше многу неудобно.
Но, по операциите, конечно почнав пак да живеам. Верувам во себе, одам со исправена глава, одам на љубовни состаноци, запознавам нови луѓе“, вели тој.
Откако се случил нападот, Ендру верувал дека ќе остане унаказен за цел живот, но поттикнат од пријателите и семејството, почнал да бара пластичен хирург. Околу 18 месеци барал човек кој би му помогнал.
Многу пластични хирурзи со кои разговарал го одбиле, и го предупредиле дека постои можност за траен деформитет на неговиот нос ако се реши за потполна назална реконструкција, но и дека постои висок ризик од инфекција која може да предизвика трајни последици по неговото здравје.
Но, тогаш запознал хирург од клиниката во Охајо, Патрик Бирн, кој се сложил да го оперира и му кажал дека постои можност за целосна реконструкција на носот.
Ова му дало надеж на Коплав дека еден ден пак ќе живее нормален живот.
Целата процедура била поделена во 4 фази.
Во првата фаза, хирурзите отсекле големо парче кожа (во форма на солза) од десната страна на неговото чело, а парче кожа зеле од неговиот десен бут, па двете парчиња ги споиле едно со друго.
За да го реконструираат носот, докторите ја отсекле кожата која останала на местото каде што некогаш се наоѓал носот.
На ова место ја сошиле кожата земена од телото на Ендру, а потоа направиле две дупки на местата каде што треба да има ноздри.
За да го добијат обликот на нос, а притоа и да имаат основа на која би стоела кожата, лекарите извадиле парченца коска од неговите ребра и од 'рскавицата од увото.
Целиот процес траел околу 4 години и на Ендру му биле направени 14 операции.
Првата 'рскавица што била земена од увото на Ендру се инфицирала и инфекцијата се раширила на целиот нос, па лекарите морале да ја повторат постапката.
Вториот обид бил успешен, а Ендру веќе води нормален живот.
„Тој е инспирација за сите нас. Во ниеден момент не потклекна и не се откажа“, рекол Д-р Бирн.
А. Ј. | Црнобело