Живее во Италија, ја мрази познатата фотографија: Каде е денес девојчето кое стана симбол на Авганистан?
- Детали
- недела, 28 јануари 2024
„Таа фотографија ми направи многу проблеми... Посакувам никогаш да не беше направена. Добро се сеќавам на тој ден, на тој фотограф кој пристигна во училиштето...“, раскажува Шарбат Гула која стана позната во светот благодарение на фотографија што се најде на насловната на National Geographic.
Сигурно се сеќавате на Шарбат Гула, девојчето чија фотографија го обиколи светот и стана симбол на Авганистан.
Иако фотографијата со нејзиниот лик достигна светска слава, сепак таа не ни била свесна за тоа.
Гула по цели 17 години дознала дека оваа фотографија всушност е репродуцирана низ целиот свет.
Таа, кога имала 13 години го напуштила училиштето и се омажила. Се соочила со низа проблеми откако нејзиниот сопруг починал оствајќи ги неа и децата самите да се борат.
Гула во 2016 година била уапсена од пакистанските власти под обвинение за фалсификување документи.
Заедно со семејството се вратила во Кабул и добила поддршка од авганистанската влада.
„Во 2002 година, кога повторно беше откриена од National Geographic, таа заедно со нејзиното семејство доби многу понуди да се пресели во западните земји, но нејзината одлука беше да продолжи да живее во исламска земја“, има изјавено Стивен МекКари, фотографот кој ја направи легендарната фотографија.
Но, условите за живот биле многу лоши, а нејзината ќерка која сакала да стане доктор не можела да се школува. Па, Гула продолжила да се бори за подобра иднина на семејството.
Во 2021 година италијанската влада им ги отвори вратите, па денес таа и нејзините деца живеат во мало италијанско гратче.
„Овде сме слободни, можеме да бираме. Мојата ќерка сака да стане докторка и ѝ ветив дека ќе направам сè за да ја остварам таа желба“, има изјавено 52-годишната Гула.
„Досега речиси никој не познал која сум. Да ви кажам, првиот пат кога отидов во болница овде, лекарите и медицинските сестри ме погледнаа и ме прашаа дали јас сум девојката на фотографијата.
На крајот заклучија дека не сум и јас бев среќна поради тоа. Само мојата наставничка по италијански, мојот доктор и уште неколкумина ја знаат мојата приказна и мило ми е што е така“.
Како настана фотографијата која го обиколи светот?
Оваа фотографија е направена од американскиот фотограф Стивен МекКари и се најде на насловната страница на магазинот „National Geographic“ во јуни 1985 година.
Стивен успеал да влезе во исламското верско училиште за девојчиња во бегалскиот камп, а првото нешто што го видел биле прекрасните очи на тогаш 12-годишната Шарбат Гула.
Сепак, Гула вели дека во моментот кога настанала фотографијата чувствувала бес и гнев.
Во тој момент Гула сакала да го скрие лицето, но фотографот побарал помош од учителот за да ја убеди да соработува.
Иако многумина погледот на Гула го протолкуваа како „Загрижен поглед кој ги открива стравовите на авганистанскиот бегалец“, сепак, години подоцна се покажа дека нејзиниот вознемирен поглед е всушност резултат на непријатност и страв што Гула ги чувствувала додека МекКари ја фотографирал.
„Таа фотографија ми направи многу проблеми... Посакувам никогаш да не беше направена. Добро се сеќавам на тој ден, на тој фотограф кој пристигна во училиштето. Бев дете. Не ми се допаѓаа фотографите.
Во авганистанската култура, жените не се појавуваат на фотографиите. Но, немав многу избор“, изјави таа минатата година за италијанските медиуми.
В. К. | Црнобело