Има хрватски корени и свој моден бренд: Што знаеме за убавицата која се омажи за принцот од Брунеи?
- Детали
- недела, 21 јануари 2024
Аниша Иса Калебиќ (29), се омажи за Абдул Матин (32), синот на најбогатиот султан на светот. Таа го запознала својот принц преку нејзиниот дедо, кој со години бил министер во владата на султанот од Брунеи. Која е убавицата со хрватско потекло?
Од 7 до 17 јануари 2024 на Брунеи се одржа една од најраскошните свадби во светот, а младенци беа принцот Абдул Матин и Аниша Иса Калебиќ.
Свадбата на деценијата, како што ја нарекоа медиумите, привлече огромно внимание и поради десетдневната прослава, раскошот и луксузот на кои не се штедело.
Но, она што привлече посебно внимание во регионот е невестата Аниша Иса, која по татко е Хрватка.
Многумина ги заинтригира убавата девојка која стана член на едно од најбогатите семејства во светот, семејството на султанот од Брунеи, Хасанал Болкиjа.
Што знаеме за Аниша Иса Калебиќ?
Аниша е ќерка на Ивица Адам Калебиќ, хрватски претприемач роден во Загреб, кој по потекло е од Далмација.
Неговата мајка е од Шолта, а татко му од Слатина, каде што има куќа која често ја посетува.
Мајката на принцезата, пак, Маријам, е од угледно брунејанско семејство.
Нејзиниот татко Пехин Датук Хаџи, долги години бил советник и министер во владата на султанот од Брунеи и основач на Royal Brunei Airlines.
Ивица и Маријам се запознале во Лондон, каде и двајцата студирале.
Во бракот добиле четири деца, но по извесно време се развеле.
И покрај тоа, тие се во добри односи, па беа заедно на неодамнешната венчавка на нивната ќерка.
Аниша, пак, студирала на престижниот британски универзитет Бат.
Откако дипломирала, отворила туристичка агенција и го основала модниот бренд Silk Collective.
Идниот сопруг го запознала преку нејзиниот брат Даниал, кој се спријателил со него за време на студиите на Кралскиот колеџ во Лондон.
Откако се сврши со принцот од Брунеи, таа ги избриша сите свои профили на социјалните мрежи.