„Направив операција за издолжување на нозете – не можам да спијам од болка, но ќе бидам 10cm повисок“
- Детали
- среда, 17 јануари 2024
Инфлуенсер од Колумбија ја направил „најболната операција во светот“ бидејќи сакал да биде 10 сантиметри повисок. Но, поради процедурата која вклучува ставање метални шипки во нозете со цел да се издолжат коските, тој 4 месеци е во константни болки, а допрва ќе треба одново да учи да оди.
Операциите за издолжување на екстремитетите не се нешто ново, но сепак се многу ретки, а некои ги нарекуваат и „најболни“.
Но, ова не го спречило колумбискиот инфлуенсер Јеферсон Косио да подлегне на операцијата.
29-годишниот инфлуенсер платил 175.000 долари за операција со која ќе стане повисок за околу 10 сантиметри, односно од 172, ќе „порасне“ до 182 сантиметри.
Операцијата што ја направил Јеферсон вклучува кршење на коските на нозете и вградување на метални шипки во нив. Целта на овие шипки е буквално да ги истегнат коските во одреден временски период.
Кога ќе размислите, не е ни чудно што операцијата е нарекувана најболна и што ретко кој се нафаќа на неа од естетски причини.
А, Јеферсон и самиот почнал да се кае за одлуката и едвај чекал да му ги извадат шипките.
„Сакам сето ова да заврши, но сега е невозможно. Не спијам добро. Обично спијам од четири до шест часа, но изминативе 11-12 дена, можам да спијам најмногу два часа.
И, тоа спиење постојано е прекинувано на 15-20 минути поради болката во нозете. Пробав да користам апчиња за спиење, но не функционираат на мене.
Болката ме буди и се чувствувам очајно. Можеби ќе дојде ден кога телото ќе ми откаже бидејќи нема да може да се справи со болката“, вели тој.
Јеферсон ја направил операцијата во клиника во Богота пред околу четири месеци. Шипките во неговите нозе ги издолжуваат коските за најмногу еден милиметар дневно.
Операцијата за отстранување на шипките е закажана за 25-ти јануари, а потоа инфлуенсерот ќе треба одново да учи да оди.
Моментално тој се движи со инвалидска количка и не е препорачливо да пробува да оди.