„Јас сум единствениот родител кој си го чека синот пред училиште“: Татко од Канада за животот со деца во Јапонија
- Детали
- вторник, 05 декември 2023
„Еден начин да се создаде навика за тимска работа и дисциплина е со чистење - во основното училиште на мојот син, децата мора да помогнат во чистењето на училниците, ходниците, бањите, библиотеката. Луѓето кои гледаат отстрана ја поврзуваат оваа практика со навиката на јапонските спортски навивачи да ги средуваат трибините на стадионите“, открива татко од Канада кој долг период живее во Јапонија.
Тим Хорнијак веќе две децении живее во Токио. За Bussines Insider, тој раскажа за своето искуство со јапонскиот образовен систем, на кој гледа поинаку откако неговите деца тргнале на училиште.
„Живеам во Јапонија околу 20 години, но дури неодамна почнав да го разбирам системот на рано образование во земјата, кој помага во обликувањето на Јапонците и општеството.
Моите деца имаат 7 и 3 години и одат во основно училиште и градинка во предградието на Токио. Токму тука забележав некои аспекти на раното образование кои често ме изненадуваат“, вели тој.
Што открива таткото за животот, но и образованието во Јапонија?
Никој не си ги зема децата од училиште
Пред да станам татко, моето искуство со училиштата во Јапонија беше ограничено, единствената поврзаност беше таа што само живеев покрај средно училиште.
Тимските спортови, атлетските вежби и деновите за спортување ги извршуваа со воена прецизност и врева која ги распарува ушите.
Кога почнав да живеам заедно со сопругата, инсистирав да не живееме во близина на училиште.
Сега, кога имаме наши деца, мило ни е што сме блиску до нивните училишта.
За разлика од предградијата во Северна Америка, тука многу родители ги носат децата во градинка со велосипед. Училишниот двор е полн со електрични велосипеди кои имаат детски седишта.
Повеќето луѓе во Токио, каде е одлично решен превозот во градот, немаат автомобил.
Забележав дека често сум единствениот татко, но и единствениот кој не е Јапонец, а кој во училишниот двор чека да го земе својот син.