„Пред 1 месец ми пресадија срце од свиња, тешко е, но сега барем имам надеж дека ќе останам со семејството“
- Детали
- среда, 25 октомври 2023
„Се надевам на најдобриот исход, но никој не знае што ќе се случува понатаму. Барем сега имам надеж. Се борам со секој здив да останам подолго со семејството“ – вели Лоренс Фосет, вториот човек во историјата кому му е пресадено свинско срце.
Лоренс Фосет (58) е пациент кому срцето му откажувало, а не бил подобен за пресадување на орган од човечки донор.
Од овие причини лекарите од Училиштето за медицина во Мериленд му понудиле експериментална операција, со што тој стана вториот човек во светот кому му е пресадено срце од генетски модификувана своња.
„Ме одбија од сите институции за донирање срце од човечки донор. Ова ми е последната шанса за преживување, а тоа е пресадувањето на срце од свиња.
Се надевам на најдобриот исход, но никој не знае што ќе се случува понатаму. Барем сега имам надеж.
Моето семејство е прекрасно, ќе се борам со секој здив за да останам со нив што е можно подолго. Но, сѐ уште е многу рано и треба да бидам подготвен на секаков исход“ – вели тој во видеото објавено на Јутуб каналот на болницата каде што му била извршена операцијата.
Лоренс вели дека првото чудо ќе биде доколку успее наскоро да си оди дома и да остане колку е можно повеќе време со сопругата Ен и со семејството.
„Дури и ако не успее процедурата, сепак ќе знам дека сум имал надеж“ – вели тој.
Инаку, Дејвид Бенет беше првиот човек кому му беше пресадено срце од свиња, но тој почина околу 2 месеци по процедурата од сега неразјаснети причини, иако се верува дека имало знаци на вирус во органот што му бил пресаден.
По ова биле направени подобрени процедури при постапката на пресадување, како и подобар скрининг на вируси.
Инаку оваа постапка на пресадување органи кај човекот од други живи суштества е позната како ксенотрансплантација, во експериментална метода била присутна со децении, но најчесто човечкиот организам го отфрла донираниот орган.
Сега, еден месец по операцијата, лекарите на Фосет велат дека кај него не се забележуваат знаци на одбивање. Тој веќе успева со помош на медицинскиот персонал да стане од креветот и полека да се движи.
Лекарите се надеваат дека со помош на ксенотрансплантација ќе успеат да им помогнат на илјадници луѓе кои со години чекаат органи за донирање.
Погледнете го видеото со изјавата на Лоренс:
Б. С. Б. | Црнобело