Човекот кај кого за првпат во историјата е пресадено срце од свиња: „Ова ми е последната шанса за живот“
- Детали
- вторник, 11 јануари 2022
„Знам дека ништо не е сигурно, но тоа ми е последната шанса“ – рече Дејвид Бенет еден ден пред операцијата во која за првпат во историјата на медицината, на човек му е пресадено срце од генетски модифицирана свиња.
Дејвид Бенет (57) од САД е првиот човек во историјата кому му е пресадено срце од генетски модифицирана свиња. Дејвид поминал 7-часовна процедура на пресадување на органот и во моментов се чувствува добро.
Срцевата трансплантација се сметала за последна надеж за да се спаси животот на пациентот и врз основа на тие тврдења, на лекарите во University of Maryland Medical Center им била дадена специјална дозвола за да ја спроведат процедурата, пренесува BBC.
„Имам опција или да умрам или да ја прифатам трансплантацијата.
Знам дека ништо не е сигурно, но тоа е мојата последна шанса“ – вели Дејвид.
Дејвид Бенет (втор од лево) со семејството
За Дејвид се сметало дека е во мошне лоша општа здравствена состојба и дека кај него не може да се направи човечка трансплантација.
Поради ова, по претходно спроведени долгогодишни истражувања, медицинскиот тим во Балтимор (САД) се одлучил да ја спроведе трансплантацијата од генетски модифицирана свиња.
Според специјалистот Бертли Грифит оваа операција може да го доведе светот „чекор поблиску до совладување на кризата со недостаток на органи за трансплантација“.
„Досега ова никогаш не сме го направиле кај човек и сметам дека му дадовме подобра опција отколку да продолжи да живее со постојана терапија.
Но, не можеме да кажеме со сигурност дали ќе живее еден ден, една недела, еден месец, една година – навистина не знам“ – рече тој.
Инаку, кај Бенет е пресадено срце од генетски модифицирана свиња кај која биле „исклучени“ гените што се одоговорни за отфрлање на органот од страна на телото, а биле вметнати човечки гени за „прифаќање“.
Дополнително бил додаден и ген за зголемен раст на срцето.
Б. С. Б. | Црнобело