Снима видеа на кои се прејадува и плаче, не може да се движи од вишокот килограми – Пропаста на јутјуберот Никокадо Авокадо
- Детали
- недела, 01 октомври 2023
Јутјуберот Никокадо Авокадо ја почна „кариерата“ снимајќи видеа за неговиот вегански начин на исхрана. Но, откако „крена раце“ од веганството, почна да прави видеа на кои јаде огромна количина храна, некогаш и по 10.000 калории во еден оброк. Поради ова, драстично ја зголеми тежината, а со видеата на кои плаче и се расправа со сопругот ги загрижува фановите за менталното здравје.
Николас Пери, попознат како Никокадо Авокадо е млад јутјубер кој денес е познат по видеата во кои јаде огромна количина храна одеднаш.
Тој не е првиот кој се сетил да прави вакви видеа, но неговите објави честопати се придружени со драматични караници со неговиот сопруг, напади на плачење, па дури и бизарни ситуации, како бричење на главата.
Но, видеата на 29-годишниот Николас не биле отсекогаш вакви. Всушност, тој ја почна „кариерата“ како јутјубер кој се фокусира на веганска исхрана и промовираше здрав начин на живот.
Што се случи со некогаш надежниот јутјубер и зошто фановите се загрижени за него?
Пред да стане јутјубер, Николас сакал да се занимава со музика. На 21-годишна возраст живеел во Њујорк и сонувал дека ќе има можност да свири на шоу на Бродвеј.
Но, иако имал талент, конкуренцијата била огромна, по што се откажал од својот сон.
Николас е во брак со Орлин Хоум кого го запознал на Фејсбук.
На почетокот биле само пријатели, но со текот на времето помеѓу нив се родиле чувства.
Во 2014-та, Николас почна да објавува видеа на Јутјуб во кои се фокусираше на веганската исхрана и неговиот начин на живот.
Овие видеа му донесоа популарност, но две години подоцна, тој откри дека се откажува од веганството.
Најпрво Николас ја обвини заедницата на вегани кои наводно постојано го критикувале.
„Што е работата со веганите? Никогаш нема да бидам доволно веган за нив“, изјави тој во едно од неговите видеа.
Неколку години подоцна, Николас откри и дека веганскиот начин на живот му предизвикал проблеми.
„Имав расипани заби, недостаток од витамин Б12 и развив хипогликемија. Не знам дали ова е директно поврзано со веганската исхрана, но претходно ги немав овие проблеми“.
По ова, Николас почна да снима таканаречени mukbang видеа.
Mukbang видеата почнаа да се прославуваат во Јужна Кореја во 2010 година и генерално на нив има луѓе кои јадат огромни количини храна додека зборуваат со гледачите.