„Сакам да си најдам маж кој ќе ме финансира, а јас само да си седам дома и да ги чувам децата“
- Детали
- недела, 24 септември 2023
„Се знае - мажот се грижи за жената, а таа се грижи за децата. Мажот со кој ќе бидам треба да знае дека ако одиме на состанок, тој ќе ја плати сметката, ќе го организира излегувањето, ќе ме земе од дома, ќе ми отвора врата. Не прифаќам ништо помалку од тоа“, вели Келси Том од Австралија, која сака да биде домаќинка како жените во минатиот век.
Австралијанката Келси Том (24) сака да биде „домаќинка“ во стилот на жените од 1950-тите. Таа сака да се омажи, да роди неколку деца и да се грижи за нив.
Но, има строги правила кои квалитети треба да ги поседува нејзиниот партнер - тој да ги организира љубовните состаноци, да ја земе од дома, да ѝ отвора врата и секогаш да плаќа за двајцата.
Том гостуваше во емисија Insight на SBS и раскажа дека средината на 20-тиот век било идеално време за жените, бидејќи мажите ги чувале како кралици, а во прв план биле семејните вредности.
„Да бидам искрена, многу од овие вредности ги фрливме низ прозорец.
Во минатото луѓето се заљубуваа и остануваа во брак. Мислам дека треба да се вратат тие улоги, каде мажот е маж, а жената жена“, рекла таа.
Том вели дека нејзиниот татко бил механичар кој ја учел да биде силна и независна жена.
Но, и покрај тоа, секојпат кога била во љубовна врска, со партнерот ги делеле на половина сметките во рестораните. А кога останувале дома на романтична вечера, партнерот никогаш не готвел, ниту пак, ѝ помагал во кујната, поставувањето на масата, или да расчисти потоа, поради што Келси смета дека мажите во нејзиниот живот не ја третирале убаво.
Поттикната од ова, таа уште на 19 години решила дека сака да најде маж кој ќе ја поддржува финансиски, а таа ќе се грижи за децата што ќе ги имаат.
„Се знае како е – мажот се грижи за жената, а таа се грижи за децата. Има хејтери кои ми велат дека со моето однесување и барања го уназадувам феминизмот и сè она за што се бореле жените, но не ме допираат нивните коментари.
Феминизмот отиде толку далеку што жената не само што е независна, туку мора да прави сè.
Јас знам што сакам. Мажот со кој ќе бидам треба да знае дека ако одиме на состанок – тој треба да ја плати сметката, да ги организира излегувањата, да ме зема од дома, да ми отвора врата. Не прифаќам ништо помалку од тоа“, вели Келси во интервјуто.
А. Ј. | Црнобело