„По 8 спонтани абортуси конечно добив син – сопругот ја продаде колекцијата патики за да платиме ин-витро“
- Детали
- среда, 13 септември 2023
„Не бев сигурна дека некогаш ќе добијам бебе, а сега го држам во раце“ – вели жена од САД, на која по 8 спонтани абортуси, конечно ѝ се остварил сонот да добие дете. Патот до зачнување воопшто не бил лесен, а таа 9 месеци била во ризична бременост и повеќепати стравувале дека ќе го загубат неродениот син.
Лорин Вин (37) и нејзиниот партнер Еј Џеј (36) од Охајо, САД, долго време сонувале да станат родители, но 5 години неуспешно се обидувале да добијат дете. По осмиот спонтан абортус, парот одлучил да започне постапка за ин-витро оплодување во 2021-ва година.
По осмиот спонтан абортус биле направени тестови и било откриено дека таа има зголемен број на одбранбени ќелии во организмот, кои ги предизвикувале абортусите затоа што телото се борело против бременоста.
Еј Џеј работи како работник во фабрика за челик, а за да соберат доволно пари за постапката, одлучил да ја продаде својата колекција од 100 пара патики.
Освен тоа, парот собирал пари преку GoFundMe, каде им биле донирани вкупно 20.000 долари, а сега својата приказна ја раскажуваат во медиумите со цел да им дадат надеж и на другите парови кои се соочуваат со слични проблеми, но и за да им се заблагодарат на непознатите луѓе кои со свои донации успеале да им помогнат да им се оствари сонот.
Во октомври 2021-ва година, парот ги добил среќните вести дека Лорин е бремена, но истовремено биле мошне уплашени.
Дополнително, како што раскажува таа за медиумите, нејзината бременост воопшто не била лесна.
Кога два дена постојано повраќала и не можела да ја задржи храната, таа била задржана во болница, а откако пулсот на бебето почнал одненадеж да опаѓа лекарите веднаш ја пренеле во родилна сала каде ѝ бил направен итен царски рез.
Лорин и Еј Џеј конечно го добиле бебето Амари, но поради тешките седативи мајката го видела бебето дури 36 часа по породувањето.
„Тоа беше нереален момент. Пресреќна бев што тој е тука. Беше неверојатно чувството да го држам во раце моето бебе, за кое никогаш не бев ниту сигурна дека ќе го добијам“ – вели Лорин.
Амари бил задржан во болница 17 дена по породувањето, а денес тие се пресреќни што имаат можност да го гледаат сопственото дете како расте.
И покрај тешкиот пат што го поминале до потомство Лорин и Еј Џеј се пресреќни што конечно станале родители.
Б. С. Б. | Црнобело