Драматично спасување на маж од пештера во Турција – Поминал 9 дена на длабочина од 900 метри (фото+видео)
- Детали
- вторник, 12 септември 2023
Марк Дики од САД бил на мисија да ја мапира третата најдлабока пештера во Турција. Со неговиот тим се наоѓал на длабочина од 900 метри во речиси вертикалната пештера, кога му се јавиле проблеми со здравјето поради што не можел самиот да излезе надвор. Со помошта на над 190 експерти од европски држави, Марк конечно бил извлечен по 9 дена.
Американскиот истражувач Марк Дики отишол на експедиција да ја мапира една од најдлабоките пештери во Турција.
Но, поради проблеми со здравјето, 40-годишниот Американец не можел самиот да се врати на површината и поминал повеќе од една недела во пештерата.
Спасувачките екипи од Турција, но и од неколку европски држави, цели девет дена се обидувале да го спасат и денес (12.09) конечно успеале да го извлечат на површината.
Пештерата Morca е третата најдлабока пештера во Турција, со длабочина од околу 1.276 метри.
Истражувачот Марк се наоѓал на длабочина од околу 900 метри, заедно со уште неколку експерти.
Марк е познат истражувач на пештери во Америка, а и самиот има учествувано во неколку спасувачки мисии и меѓународни експедиции.
Иако бил добро подготвен, на 2-ри септември почнал да се чувствува лошо, наводно поради крвавење во стомакот. Сепак, уште не е официјално потврдено со каков проблем се соочил истражувачот.
Поради ова, Марк не можел самиот да се искачи надвор од пештерата, па истражувачите кои биле со него тргнале да побараат помош.
Но, бидејќи станува збор за искачување од околу 900 метри, стигнале до излезот дури следното утро.
Следното утро во пештерата се спуштил лекар кој се погрижил за Марк, и иако бил во стабилна состојба, неговото извлекување на површината се покажало како огромен предизвик.
Проблемот е што пештерата е речиси вертикална, а Марк требало да биде извлечен со носилка бидејќи немал сила самиот да се искачува.
Покрај тоа, долгиот престој во влажна и темна пештера имал лошо влијание врз психата на Марк.
Мапа до пештерата која покажува каде се наоѓал Марк
Над 190 експерти од Бугарија, Хрватска, Унгарија, Италија, Полска и Турција учествувале во спасувањето.
Во меѓувреме, со Марк постојано имало по неколку лекари кои будно внимавале на неговата состојба.
Извлекувањето на Марк почнало во сабота (09.09).
А, за да се осигурат дека ќе помине без проблеми, спасувачите морале да прошират дел од тунелите во пештерата, и да прицврстат многу јажиња со чија помош ќе го кренат Марк.
За среќа, сè поминало во најдобар ред, а надлежните од Турција изјавија дека неговата состојба се подобрила додека го извлекувале на површината.
Пред да биде извлечен, Марк сними и видео во кое им се заблагодарува на сите кои учествуваат во спасувањето.
Спирова С. | Црнобело