Девојче (8) згазна на отровна риба-змеј во Грција: „Болката беше неподнослива, не престануваше да вреска“
- Детали
- понеделник, 26 јуни 2023
„Моето дете од 8 и пол години згазна на риба-змеј, која има отровни боцки. Спасувачот ни советуваше да ја ставиме ногата во жешка вода и по пет минути таа престана да вреска. До вечерта ногата ѝ потече, бидејќи во организмот имаше отрови. Сега е во ред. Но кај возрасните може да предизвика инфаркт“ - Србинка го сподели своето непријатно искуство од летувањето во Грција.
На Фејсбук-групата „Грчка инфо“ викендов се појави сведоштво на Србинка, чија 8-годишна ќерка на плажа на Ситонија, во плиткото, згазнала на отровна риба-змеј. Отровот од рибата е толку силен, што може да го парализира говорот.
Мајката во групата детално објаснува што се случило и за агонијата низ која поминала не само нејзината ќерка, туку и целото семејство, па ги советува родителите да внимаваат на своите деца, но и да знаат што да прават ако се најадат во ситуација како нивната.
„Сакам да објавам важна информација, без да внесувам паника. Моето дете од 8 и пол години пред два дена, во плиткото, пред да излезе од водата, згазна на риба-змеј. Со десната нога згазна на риба која има отровни боцки.
Симптом е многу силната болка. За среќа, спасувачот беше тука, па ни советуваше да ја ставиме ногата во жешка вода, која ја намалува болката и го намалува дејството на отровот.
Така направивме и по пет минути таа престана да вреска.
По совет на лекар во Никити, ѝ дадов бруфен (може каков било аналгетик) и нешто против алергија.
До вечерта ногата ѝ потече, бидејќи во организмот имаше отрови. Сега е во ред. Да не ве плашам, ова не се случува често. Лекарот вели, еднаш месечно има ваков случај. Но, кај возрасните може да предизвика инфаркт.
Се надевам дека со ова ќе помогнам ако не дај Боже, некому му се случи истото. Ние не знаевме како да реагираме, затоа сакам да го споделам искуството“, пишува Ивана Томашев на Фејсбук.
Слично сведоштво минатата година имаше и жена која во Црна Гора згазна на ваква риба, па вели дека имала чувство дека ќе се онесвести од болка.
Рибата-змеј, позната и под името дракена или драгон-риба, е отровна риба од типот воздухоперки. Има отровни жлезди на првата перка на грбот, која потсетува на боцки. Многумина ги вклучуваат во редот најопасни риби во Медитеранот.
Рибите змејови живеат на дното на морето. Тие најчесто се покриени со песок и тешко можете да ги забележите, заради што се случува луѓето случајно да ги нагазат.
Што да направите во случај на убод од риба-змеј?
Се препорачува местото на кое е убодот да го држите во вода чија температура е над 40 степени.
Отровот на овие риби е термолабилен, односно не е опасен на температура на водата над 40 степени, па тоа го намалува неговото дејство и болките.
Доколку немате жешка вода, некои луѓе ногата ја ставаат и во врел песок, а поради отровот, велат, воопшто не ја чувствуваат жештината на песокот, но болката се намалува.
Веднаш потоа одете на лекар, кој ќе ви даде антибиотик и аналгетик кој ќе ги ублажи потенцијалните проблеми што може да ги предизвика отровот.
Местото на убодот треба да се дезифицира со алкохол.
Болката вообичаено исчезнува за 48 до 72 часа.
При убодот, отровот делува како неуротоксин и хематоксин, доаѓа до крвта и предизвикува отров на местото на убодот, а во некои случаи може да предизвика и некроза на кожата.
Меѓу симптомите што може да се појават се и силна главоболка, болка во пределот на срцето и отежнато дишење, а може да предизвика и парализа на говорот.
Прочитајте и „Во Црна Гора ме касна рибата-змеј што се појави и во Грција - како ногата да ми беше во пламен, ќе се онесвестев од болка“
А. Ј. | Црнобело / фото: Depositphotos