„Во Црна Гора ме касна рибата-змеј што се појави и во Грција - како ногата да ми беше во пламен, ќе се онесвестев од болка“
- Детали
- четврток, 28 јули 2022
„Стискам заби, но чувството беше како ногата да сум ја ставила во пламен. Партнерот ме придржуваше постојано, затоа што почна да ми се врти и да ми се повраќа“ – раскажува Србинка која била касната од риба змеј, што деновиве ја има и во летувалиштата во Грција.
Рибите змејови или како што Грците ги нарекуваат „Дракена“ живеат на дното на морето. Тие најчесто се покриени со песок и тешко можете да ги забележите, заради што се случува луѓето случајно да ги нагазат.
Рибите змејови имаат отров во боцките од горната перка, односно тоа е делот што најчесто останува над песокот и што може да го нагазиме.
По ова, болката најчесто станува неподнослива. Луѓето што го имале непријатното искуство да нагазат на оваа риба, велат дека чувствувале дека ќе се онесвестат од болка.
На социјалните мрежи деновиве има предупредувања дека опасната риба се појавила во некои од омилените летувалишта во олимпискиот регион во Грција, а истата риба ја има и во Јадранското Море.
Рибата змеј, во Црна Гора ја нарекуваат „Драгана“, а таа претставува една од најотровните риби во Јадранското Море.
Во продолжение проследете го искуството што оваа Србинка го споделува со српските медиуми:
„Сѐ започна кога пред неколку години Жму и јас отидовме на летување во Бока Которска. Одлучивме да одиме и до Ада Бојана. Речиси 4 часа се возевме по Јадранската магистрала преполна со возила и на крај патувањето се исплати.
Ада Бојана е вистинско чудо. Море, бранови, мир, нема пискотници и викотници. Но, се покажа дека има нешто друго, и тоа во песокот.
На потешкиот начин дознав дека тука се крие ѕверката што ја нарекуваат Драгана. Штом се запознавме, ја сфатив целата иронија на нејзиното име.
Значи, само што влегов во морето и се препуштив на заплескување во брановите, почувствував остра болка во малиот прст од десната нога. Прво помислив дека сум згазнала на парче стакло, но стакло немаше никаде, морето беше чисто, а немаше ниту крв на ногата.
Се обидов да заборавам, но не можев. По 10-тина минути сфатив дека многу ме боли и дека мора да излезам од водата.
На прстот немаше ништо, но како што одев кон тушот, болката се ширеше, растеше, веќе ми доаѓаше да врескам.
Стискам заби, но чувството беше како ногата да сум ја ставила во пламен. Жму ме придржува постојано, затоа што почна да ми се врти и да ми се повраќа.
Во меѓувреме и прстот почна да станува црвен. Почна да ме фаќа паника, затоа што, освен што боли неверојатно, не можам да сфатам што се случи. Да не беше медуза...
Ниту студениот туш не помага, навистина ми доаѓа да заплачам и да закукам онака јуначки пред сите.
И додека полуонесвестена се држев за тушот и се грчев, Жму дотрча по жешкиот песок и ми вели – те каснала Драгана. Тоа е тоа, полудев.
Се покажа дека добро сум го слушнала – во кафулето на плажата каде што побарал помош му кажале дека ме касанал озлогласениот морски пајак, т.н. Драгана, најотровната риба на Јадранот.