Колку се чести нападите од ајкули во Египет (и што да правите ако сте нападнати)?
- Детали
- вторник, 13 јуни 2023
Се чини дека секое лето во Египет има напад од ајкули, но важно е да знаете дека, генерално, бројот на вакви напади е мал не само во Црвеното Море, туку во целиот свет. Од друга страна, секогаш е добро да знаете што да правите во ваква ситуација, без разлика колку страшна ви изгледа и самата помисла, особено по смртта на младиот Русин во Хургада...
Во четвртокот (08.06) млад Русин беше убиен од ајкула во близина на Хургада, Египет. Бидејќи се чини дека секое лето има по некој ваков случај во Египет, веројатно сте загрижени ако планирате да одите таму на одмор.
Според Independent, 23-годишниот Русин бил на плажа во Хургада со татко му, кога бил нападнат и убиен од ајкулата.
Очевидците велат дека најпрво момчето исчезнало под вода, а потоа очајно почнало да бара помош додека ајкулата го напаѓала.
„Отидовме на плажата да се релаксираме. Син ми беше нападнат од ајкула. Сè се случи за неколку секунди. Како можев да му помогнам? Сето се случи за 20 секунди, беше повлечен под вода.
Ова е ужасна случајност бидејќи ова е безбедна плажа. Наоколу има бродови и јахти“, изјави татко му за локалните медиуми.
По трагичниот настан, египетските власти затворија околу 74 километри од брегот во близина на трагедијата и, според Euro News, брегот нема да биде достапен за јавност до недела (18.06).
Ајкулата беше фатена и убиена, а наводно сега се вршат испитувања со кои ќе се утврди причината за нападот.
Фотографија од загинатото момче споделена на Daily Mail / Скриншот од видео од ајкулата
Дали нападите од ајкули се честа појава во Египет?
Нападите од ајкули на брегот на Црвеното Море се ретки, но лани, 2022 година, двајца туристи беа убиени во период од само неколку денови.
Слични трагедии имаше и во 2018 и 2015 година.
Иако ова изгледа страшно, експертите уверуваат дека нападите од ајкули се ретка појава, не само во Египет, туку во целиот свет.
Наводно, во 2022 година имало 57 непровоцирани напади од ајкули. Смртните случаи, пак, се уште поретки – од 57-те напади од минатата година, пет биле фатални.
Сепак, два од петте смртни случаи биле во водите на Египет, односно во Хургада.
Arab News открива дека во Шарм Ел Шеик (кој е исто популарна дестинација како Хургада) се преземаат сите мерки за заштита на туристите:
„Градот одлучи да распореди спасувачки тимови на сите плажи и да се координира со властите за да се осигури безбедноста на туристите.
Покрај тоа, туристите ќе бидат едуцирани без разлика дали ќе одат да нуркаат или само да пливаат. Центрите за нуркање ја истакнаа неопходноста од едуцирање на туристите“, гласи изјавата од локалните власти.
Што можете да направите ако ве нападне ајкула?
Иако и самата помисла е застрашувачка, секогаш е добро да знаете како можете да се справите со напад од ајкула.
Ако забележите ајкула додека сте во водата пробајте да останете смирени. Постојано гледајте во ајкулата за да знаете каде е и, ако сте во можност, полека излезете од водата.
Ако ајкулата ве нападне, бранете се – преправањето мртви (што е ефикасно кај некои животни) нема да биде од корист.
Користете што и да имате при рака – штица за сурфање, маска за нуркање и слично – за да избегнете да ја нападнете ајкулата со раце
Ако немате ништо покрај вас и мора да ги искористите рацете, фокусирајте се на очите и жабрите на ајкулата. Пробајте да бидете што е можно попрецизни.
Правете нагли движења за колку толку да ја исплашите ајкулата.
По нападот, излезете од водата што е можно побрзо, но и смирено. Ако имате рана, држете притисок на неа за да не изгубите многу крв.
Како да ѝ помогнете на личност нападната од ајкула?
Ако сте во вода и личноста е повредена, нанесете притисок на раната уште пред да излезете од водата.
Извлечете ја личноста од водата што е можно побрзо.
На брегот, веднаш завиткајте ја со крпа или што било за да ја стоплите.
Немојте да ја мрдате личноста, особено ако има сериозни повреди, и веднаш повикајте медицинска помош.
Спирова С. | Црнобело