Побогат е од Роналдо 15 пати, а никој не слушнал за него – Кој е најбогатиот фудбалер на светот?
- Детали
- сабота, 07 јануари 2023
Татко му бил поранешен министер за финансии на Брунеј, кој бил протеран од земјата заради проневера на пари. Никој не знае која му е мајка, но се знае дека Фаик Болкија (24) има богатство од околу 20 милијарди долари, што е неколкупати поголемо од она на Роналдо.
Се очекува преселбата на Кристијано Роналдо во Саудиска Арабија, да му донесе уште „подебела“ банкарска сметка и неговото богатство да биде проценето на над милијарда долари, но тој сепак ќе биде далеку зад најбогатиот фудбалер во светот.
Кој е фудбалерот што има повеќе пари и од Роналдо?
Тој е трет по ред најплатен спортист во светот, а се проценува дека Кристијано Роналдо од својата богата фудбалска кариера и договорите за рекламни кампањи досега заработил богатство кое тежи околу 490 милиони долари.
Дополнително, со договорот од новиот клуб Ал Наср во Саудиска Арабија тој ќе добива дополнителни 200 милиони евра од сезона, со што тој ќе заработи над 1 милијарда доколку остане да игра во овој клуб во наредните седум години.
Но, неговото богатство сепак е значително помало од она што го поседува најбогатиот фудбалер на светот.
Фаик Болкија (24) е млад играч кој играше за ФК „Арсенал“ и ретко кој слушнал за него, но на неговата сметка има богатство од 20 милијарди долари.
За волја на вистината, Фаик своите милијарди не ги заработил на фудбалскиот терен, туку тој потекнува од кралското семејство во Брунеј.
Фаик е син на Џефри Бокија, принцот од Брунеј, кој е помлад брат на сегашниот султан.
Таткото на Фаик, Џефри имал 5 жени и 18 деца. Дополнително тој бил вклучен во скандали дека држел секс робинки во Брунеј, а во периодот од 1986-та година до 1997-ма бил министер за финансии на Брунеј и бил одговорен за огромните заработки од нафта и плин.
Се проценува дека проневерил одколу 40 милиони долари, кои ги префрлил на неговата лична сметка, но и на сметката на султанот. По ова Џефри долго време живеел во прогонство.
Фаик бил роден во САД во 1998-ма година и има и американско и брунејско државјанство, а образованието го завршил во Велика Британија. Нема податоци која е неговата мајка, но се претпоставува дека таа е една од петте жени на неговиот татко.
Уште како дете покажал огромен интерес за фудбалот, па неговото семејство одлучило да му ја исполни желбата и да го испрати да го стекне потребното образование за да го оствари сопствениот сон.
Кариерата ја започнал во Арсенал, а на 15 години влегол во подмладокот на Челзи и верувал дека конечно ќе му се оствари желбата да заигра за неговиот омилен клуб, но таму не добил доволно време на теренот.
Според неговите соиграчи, Фаик никогаш не се обидел да го искористи семејното богатство за да напредува во кариерата.
„Никогаш немаше да можете да претпоставите дека тој е престолонаследник. Не знаевме ниту кој е, ниту од какво семејство потекнува“ – вели поранешниот соиграч на Фаик, Рубен Самут.
Фаик најчесто завршувал во резервната постава на британските клубови каде што играл и ретко кој слушнал за него, но се знае дека тој е најбогатиот фудбалер во светот.
Денес Фаик игра за тајландскиот фудбалски клуб Чонбури и за репрезентацијата на Брунеј. Нема податоци дали е во врска или не, а неговиот Инстаграм профил е исполнет само со негови фотографии од настапите и од рекламните кампањи.