„Златен медал за најголем идиот!“ – атлетичар намерно ги турка шишињата вода за натпреварувачите среде маратон (вода)
- Детали
- понеделник, 09 август 2021
На маратонската трка која се одржа на последниот ден од Олимписките игри во Токио, атлетичарот Морад Амдуни си ја уништи репутацијата и најверојатно го заладил односот со некои од колегите кои се тркаа со него, откако ги истурка шишињата вода кои беа оставени за учесниците во маратонот кој траеше над 2 часа.
Во неделата, 8-ми август, последниот ден од Олимписките игри, францускиот атлетичар покажа себичност која не остана незабележана и веднаш се најде на мета на критики.
Како и кај нас, времето во Токио е многу топло, а на последниот ден се одржуваше маратонска трка на растојание од 42 километри. Температурите кои достигнувале и до 35 степени Целзиусови, заедно со влажноста на воздухот, им го отежнуваа трчањето на спортистите, а бидејќи станува збор за трка која трае неколку часа, на патеката беа поставени штандови со вода.
Но, сите останаа во неверување кога Морад од Франција бесрамно ги истурка шишињата од штандот, па си го зеде едно за себе.
Зад него имаше и други натпреварувачи, кои поради неговата постапка не беа во можност да се напијат вода. Во овој момент тркачите имаа поминато околу две третини од трката, што значи шишето вода дефинитивно би им направило огромна разлика.
На социјалните мрежи веднаш се појави и видео од бизарниот настан на кое се гледа како натпреварувачите пред Морад си земаат по едно шише и продолжуваат, за потоа да се појави тој и да ги истурка сите.
На видеото се забележува и дека асистентите кои стојат на штандот веднаш реагираат и почнуваат да ги редат шишињата вода за другите натпреварувачи.
„Најнови вести: Златниот медал за најголем идиот на Олимписките игри оди кај францускиот маратонски тркач Морад Амдуини кој намерно ги турна шишињата вода за неговите колеги натпреварувачи. Неверојатно!“, стои во описот на видеото објавено од британскиот водител Пирс Морган.
BREAKING: The Gold medal for biggest d*ckhead of the Tokyo Olympics goes to French marathon runner Morhad Amdouni who deliberately knocks over all the water for his fellow competitors…Unbelievable! pic.twitter.com/D4IwmlAHlL
— Piers Morgan (@piersmorgan) August 8, 2021
Морад ја заврши трката 17-ти по ред, за два часа, 14 минути и 33 секунди и многумина велат дека поразот му е повеќе од заслужен.
Спирова С. | Црнобело