Шампионот во уметничко лизгање Селдо вечер се натпреварува за Македонија
- Детали
- петок, 01 ноември 2019
Петнаесетгодишниот Селдин Салиу денес живее во Италија, но дури да наполни 6 месеци, тој и неговите родители живееле во Ростуша.
Ова младо момче е можеби единственото дете со македонско потекло, кое професионално се натпреварува во уметничко лизгање.
Селдин, или Селдо, како што го знаат неговите најблиски, има учествувано на дури 44 натпревари, а првото место го освоил 18 пати.
Вечерва во Италија, Селдо за прв пат ќе се натпреварува за Македонија и бил навистина среќен за тоа.
Неговите родители се горди на него, најмногу бидејќи ги помнат скромните почетоци.
Селдо почнал со уметничко лизгање на 5 и пол години. Вo неговата градинка имало организирано краток курс за лизгање, а тој веднаш се вљубил во спортот.
Татко му вели дека уметничкото лизгање е чест спорт во северна Италија, каде што живеат, но дека повеќе се натпреваруваат женски отколку машки.
Селдо е едно од ретките момчиња кои одбрале професионално да се занимаваат со уметничко лизгање.
Според Селдо, лизгањето не е само спорт и забава, туку и уметност. Неговиот сон е да стане светски шампион, а секој ден едвај чекал да заврши со училиште за да оди да лизга.
За жал, во 2018-та година, талентираното момче морало да направи пауза, поради здравствени проблеми. Но оваа година, тој се вратил подобар од кога било.
Од нашата Федерација за лизгачки спортови се особено горди што оваа година, Селдо е дел од нивната репрезентација.
Селдо, пак, се надева дека ќе има успешен настап и сака еден ден да ја претставува Македонија на Олимписките игри.
Спирова С. | Црнобело