11 типови на навивачи за време на Светско
- Детали
- четврток, 14 јуни 2018
Во пресрет на претстојното Светско првенство во Русија 2018, да се потсетиме на какви видови на гледачи може да наидете додека ги следите натпреварите во вашите омилени локали.
Стручњакот
Постојано им префрлува на тренерите за нивните одлуки, иако гледа на телевизор, и нема теоретски шанси да го чуе некој. Низ текот на целиот натпревар коментира за арбитражата на судиите, и како играчите не знаат да играат. Фудбал има играно само еднаш, во основно, поточно во прво одделение и тоа машки против женски. Навива за Германија, пошто се машинерија (никако пошто се шампиони).
А, кој игра?
Ова е човек што не прати фудбал никогаш, доаѓа само заради пивото, и да ги нервира другарите. Најчесто навива за тимот кој игра против тимот за кој навиваат неговите пријатели, и покрај тоа што не знае дали тие се белите или црвените. Секако, ги прославува сите голови и добри акции со „Живели“.
Судијата
Овој тип цело време збори за судиските одлуки, исто како и стручњакот, меѓутоа овој низ текот на целиот натпревар досудува фаули, пенали, офсајди, енац и така натаму. Најчесто навива за послабиот тим, и секогаш неговиот тим е зезнат од страна на судиите.
Фанови на Барса
Навива за Аргентина, пошто Меси бил фудбалски бог. И Уругвај не се лоши поради Суарез. Судиите се најдобри на свет, и стално се праведни при донесувањето на своите одлуки.
Фанови на Реал
Навива за Португалија, пошто Кристијано Роналдо е фудбалски бог. Судиите не чинат, пошто „Уефалона“. Меси не го бива, и стално кога игра Аргентина се против нив.
Вистински фан на Реал
Навива за Шпанија, пошто Мадрид е главниот град на оваа земја, и пошто низ историјата ги бодрел репрезентативците од Реал. Израснал у времето на Раул, Мориентез, Гути и Касиљас и ја разбира фудбалската игра.
Катанаџо
Ваквиот тип на луѓе навиваат за Италијанците секогаш, и се палат на нивната игра од минатото кога играа навистина здодевен фудбал. Најчесто е фан на Интер, а понекогаш Јуве и Милан. При отсуството на Италија од Светското Првенство, најверојатно ќе навива за Хрватска или Србија.
Анти Жабари
Стар Југословен кој навива против сите латино земји. Италијаните се најлошото нешто на светот, и мило му е што не играат на Светско, поради тоа што играле досаден фудбал (и покрај тоа што не ги гледал од 1996-та).
Гопник
Навива за Русите и сите Славјански народи. Не следи фудбал, и нема поима кои играчи играат за репрезентацијата на Русија или било кој од тимовите за кои навива.
Селекао
Навива за Бразил уште од времето на Ромарио. Уште не му е прежален поразот од 7:1 од Германија. Знае дека овој Бразил е далеку од оној во раните 2000-ти, но не се откажува, и смета дека Бразил повторно ќе биде шампион.
Премиерлигашки фанови
Оваа категорија бара неколку поткатегории во зависност од тимот за кој се навива.
Секој тим има посебен вид на навивачи и тешко е да се групираат во едно.
Фан на Манчестер Јунајтед – Навива за Португалија пошто CR7 е дете на Манчестер. Има лав-хејт-лав однос со Англиската репрезентација. Го боли тоа што е Хендерсон капитен и не пропушта прилика да каже нешто лошо за него. Рашфорд е цар, и ќе биде идниот Роналдо, и само ради него Англичаните може да направат нешто на Светско.
Фан на Ливерпул – Навива за Египет, ама да не беше Салах у Ливерпул ќе навиваше за Англија. Хендерсон е најдобриот капитен на сите времиња, веднаш после Џерард. Милнер е најдобриот лев бек. Овој човек знае дека Англија пак нема ништо да направи на Светското првенство, па нема голема надеж за нив. Исто така навива против Хрватска поради „Нашег Декија“, ем што не игра за репрезентација, ем што којзнае колку пати поради него пиел апчиња за смирување.
Фан на Челзи - „Не игра Лампард више, а? Епа за Белгија сум.“ Овој лик навива за Белгија, секако поради Еден Азар, и Мичи Какоидасепрезиваше. Тибо Куртоа е најбоље голман у свет. Потајно навива и за Французите поради Канте.
Фан на Арсенал – Овој човек навива за Франција уште од времето на Анри, Виера и Пирес. Знае дека Французите исто како и Арсенал, највеќе што можат е да бидат четврти, но никогаш не се откажува.
Фан на Тотенхем – Секако дека навива за Англичаните. Хари Кејн е најболје играч у свет, а Деле Али е најдобар млад играч! Судиите се стално фер и коректни, иако кога играат репрезентации, судат малку сомнително.
Фан на Манчестер Сити – Навива за Шпанија и Германија. У ниеден случај не навива за нив затоа што ги имаат најскапите состави на планетата, туку поради тоа што играле добар фудбал. Овој тип на луѓе стално навиваат за фаворитите во било кој спорт, па после се прават важни пред другарите дека нивниот тим освоил.
еНВи | Црнобело