Трогателен момент на стадионот во Скопје: Публиката аплаудира во 59 минута, фудбалерите стојат во чест на жртвите од Кочани
- Детали
- среда, 26 март 2025
Минута молк и наведнати глави пред почетокот на мечот Македонија-Велс, а потоа, во 59-та минута уште поемотивна слика - цела публика на нозе, аплаудира громогласно во чест на жртвите од пожарот во Кочани - сликите од Скопје ќе останат вечно врежани во спортската историја.
Вчеравечер во Скопје, фудбалерите на Македонија го одигра вториот натпревар од квалификациите за Светското првенство 2026, кое ќе се одржи во Канада, Мексико и САД.
По победата над Лихтенштајн пред неколку дена, нашите фудбалери одиграа нерешено против Велс, со резултат 1-1.
Но, синоќешниот натпревар нема да остане запаметен по добрата игра на фудбалерите, или по одличниот гол на Бојан Миоски во судиското продолжение (91 минута), туку по трогателните моменти кои се случуваа на стадионот.
Фудбалската федерација неколку дена пред мечот најави дека парите од продадените билети за натпреварот Македонија - Велс ќе се донираат за семејствата на настраданите од пожарот во Кочани.
Само неколку часа по ова, беа продадени 18.000 билети, а до пред натпреварот и сите 25.000 влезници кои беа пуштени во продажба.
На неколку часа пред почетокот на мечот, Бојан Миоски објави фотографии од своите копачки, кои за него ги направи SWithADot, македонското студио за дизајн кое црта патики за светските ѕвезди.
А на копачките, освен македонското знаме, се наоѓаат и иницијалите од Бојан, неговата сопруга Сара и синчето Матео, што му се роди пред неполн месец, на 28 февруари.
Покрај фотографиите тој сподели и емотивна порака, во која откри дека патиките ќе ги носи со гордост, во чест и сеќавање на жртвите од пожарот во Кочани, но и за оние кои се и понатаму на лекување и се борат за својот живот.
„Секој човек има своја приказна и секој човек има свое животно патување.
Навраќајќи се во моето детство додека ги држев моите први копачки, се сетив дека кажав нешто што длабоко посакував: ‘Еден ден со цело срце ќе играм за мојата земја’ и еве ме, по многу години, играм за Македонија, мојата земја, бисерот на Балканот.
Овие специјализирани копачки имаат исклучително значење, со свето нешто - моето национално знаме и иницијалите на моето семејство.
На денешниот натпревар за македонската репрезентација, ќе ги носам во чест и сеќавање за сите што ги загубивме на 16.03.2025 година, за сите кои сè уште се борат за своите животи и за сите семејства.
Нека почиваат во вечен мир упокоените души, сите мои молитви за повредените“ - напиша Миоски.
Пред почетокот на натпреварот, на семафорот на стадионот стоеше слика од нашето знаме, и датумот на трагедијата во Кочани.
Па, кога фудбалерите излегоа на теренот и откако се интонираа химните на двете земји, сите замолчеа. Околу 25.000 луѓе, со наведнати глави, го исполнија стадионот со тишина.
Но, најтрогателната слика од натпреварот дојде во 59-тата минута. За да им оддадат почит на 59-те жртви од пожарот во Кочани, еден по еден, сите во публика почнаа да стануваат и да аплаудираат.
Одеднаш - истиот молк, се слушаше само громогласен аплауз на трибините, овој пат глави високо кренати горе, а немаше ни збор.
И фудбалерите застанаа. Престана акцијата, топката мируваше. Гостите без приговор го прифатија прекинот на играта, се солидаризираа со болката на нацијата.
Погледнете го видеото од моментот кога цел стадион стана на нозе:
Повеќе фотографии во продолжение:
А. Ј. | Црнобело / фото: ФФМ
Би можело да ве интересира:





