Единствениот човек што сакал да ги открие деталите за Шумахер се „обесил“ во затвор
- Детали
- петок, 29 декември 2023
Во овие 10 години сите обиди да се објават детали за здравствената состојба завршиле неуспешно. Единствениот човек што се обидел да ги објави медицинските записи на Формула 1 возачот се обесил во затворска ќелија, а единствената фотка од Шумахер била одземена пред да биде објавена. Според изјава на блиска личност до семејството, Шумахер комуницира само со очите.
Годинава навршуваат 10 години од несреќата на формула 1 возачот Михаел Шумахер, а неговата реална здравствена состојба во моментов е вистинска мистерија.
По несреќата што се случи на 29-ти декември 2013-та година, светот со нетрпение очекува да дознае нешто ново за него, но неговата сопруга Корина и членовите на неговото потесно семејство се трудат максимално да му обезбедат приватност и да не дозволат јавноста да дознае нешто повеќе за неговата состојба.
Според првичните објавени информации, Шумахер останал жив благодарение на кацигата што ја носел, но се знае дека имал огромна повреда на мозокот и морал да претрпи две операции што биле успешни.
Во април 2014-та година лекарите постепено почнале да го будат од медицински предизвиканата кома и се верува дека целосно се разбудил во јуни 2014-та година.
Но, по ова, речиси сите информации што јавноста ги добива за Шумахер се обвиени во мистерија.
Daily Mail објави подолга статија во која ги опфати сите моменти кога јавноста била чекор поблиску да открие нешто повеќе за неговата здравствена состојба. Што се знае досега за Шумахер?
Комуницира само со очите
Во 2020-та година Елизабета Грегорачи, која е поранешна сопруга на поранешниот шеф на Шумахер, Флавио Бриаторе, даде изјава за медиумите и ја опиша состојбата на возачот на Формула 1:
„Михаел не зборува, тој комуницира со очите. Се преселија во Шпанија и жена му направи цела болница во куќата. Само на тројца луѓе им е дозволено да го посетат“ – рече таа.
Но, семејството на Шумахер ја демантира нејзината изјава и рече дека Формула 1 возачот и натаму е во семејниот дом во Швајцарија.
Мистериозно самоубиство по обидот да се изнесат медицинските детали
Во овие 10 години, повеќепати имало обиди да се изнесат детали за Шумахер во медиумите, а сето тоа било обвиено со доза на мистерија.
Извршен директор на компанијата која со хеликоптер го пренесла Шумахер од болницата во Франција, неколку месеци по несреќата наводно се обидел да ги украде медицинските документи и да ги продаде на медиумите за 50.000 евра.
Француските власти успеале да ја најдат IP адресата и да ја лоцираат кражбата во Рега, во амбуланта во Швајцарија, и да го пронајдат извршниот директор кој се обидел да ги продаде информациите.
Неговото име ниту националност не биле откриени во јавноста, а тој завршил во затвор во Цирих. Но, следното утро, пред да треба да биде изнесен пред суд, властите го нашле обвинетиот обесен во неговата затворска ќелија.
Властите тврдеа дека среќната околност е тоа што успеале во целост да му ги земат сите документи и дека тие никогаш не биле објавени во медиумите.