„Првпат се опив на 7 години, лошите фотки ме натераа да одам на рехабилитација“ – Кара Делевињ се отвори за проблемите со зависноста
Кара открива и дека се изолирала од пријателите и не ги споделувала своите чувства со нив бидејќи не сакала да им биде товар.
„Ако ги прашате моите пријатели, ќе ви кажат дека никогаш претходно ме немаа видено како плачам. Од септември, едноставно, ми требаше поддршка. Требаше да почнам да барам помош.
И, моите пријатели, со кои се знаеме од 13-годишна возраст, дојдоа кај мене и почнавме да плачеме. Ме погледнаа и ми рекоа: ’Заслужуваш шанса да бидеш среќна‘“.
Кога се соочувала со негативни емоции, Кара барала брз начин да си го подобри расположението со наркотици, но ова, секако, било само краткотрајно чувство.
Па, решила да се пријави на рехабилитација за да се откаже од пороците и да направи трајни промени кои ќе ѝ го подобрат менталното здравје.
Таа била свесна дека нема да се подобри „преку ноќ“, како и дека целиот живот ќе треба да ја води оваа битка.
„Овој процес, очигледно, има подеми и падови, но дури сега почнав да сфаќам многу работи. Луѓето сакаат мојата приказна да биде ’Јас бев зависник, сега сум трезна и тоа е тоа‘.
Но, не е толку едноставно. Ова не се случува преку ноќ. Секако дека сакам инстантно подобрување, но морам да одам подлабоко“.
Менталното здравје на Кара почнало да се влошува за време на локдаунот и тогаш имала депресија. Овој период таа раскина и со нејзината девојка.
„Бев осамена, многу осамена. Имав егзистенцијална криза. Се чувствував како да немам цел“.
Моделот признава дека проблемите со менталното здравје и зависноста не се ништо ново за неа.
Всушност, таа првпат се опила на само 7-годишна возраст.
„Се разбудив во куќата на баба со мамурлак, во фустан за деверица. Испив многу чаши шампањ“.
На 10-годишна возраст, пак, на Кара ѝ биле препишани апчиња за спиење бидејќи имала несоница, а во тинејџерските години била дијагностицирана со диспраксија – невролошко нарушување кое има влијание врз физичката координација.
Тој период, менталното здравје на Кара почнало да се влошува, а таа почнала и да се самоповредува.
На 15 години доживеала нервен слом кој вели дека бил резултат на сите проблеми што ги чувала во себе.
„Примав терапија и тоа ми го спаси животот. Ова не беше хемиска нерамнотежа во мозокот колку што беше реакција од траума. Ја немав откриено дупката во мене“.
Кара си ја удирала главата од дрво обидувајќи се да изгуби свест и се гребела, по што ѝ препишале антипсихотици, а во најлошиот период од животот, размислувала и за самоубиство.
Големо влијание врз Кара имала зависноста од хероин на мајка ѝ. Нејзината зависност била толку лоша, што извесен период се иселила од семејниот дом за Кара и другите ќерки да не ја гледаат.
Сега моделот вели дека иако никогаш нема да престане да работи на себе, се чувствува многу подобро. Истовремено, размислува да стане мајка бидејќи сонувала за дете уште од 16 години.
Спирова С. | Црнобело