Млад италијански пејач ја искрши цела сцена на Сан Ремо – публиката го исвирка, која е причината? (фото+видео)
- Детали
- четврток, 09 февруари 2023
Младиот италијански пејач Бланко е топ тема во светските медиуми откако предизвика незапомнет скандал на сцената во театарот Аристон, каде што се одржува Сан Ремо. Тој денес ѝ се извини на публиката, но не стивнуваат критиките упатени до него.
Оние што редовно ја следат Евровизија веќе се запознаени со Италијанецот Бланко, кој во 2022-ра година ја претставуваше својата земја на изборот.
Сега Бланко повторно е во фокусот на вниманието заради скандалот што го предизвика на сцената на престижниот италијански фестивал Сан Ремо.
На социјалните мрежи масовно се споделува видеото од Бланко кој сосема неочекувано почна да ја крши сценографијата за време на настапот.
Тој беше меѓу првите музичари кои настапија на сцената на Сан Ремо, а неговиот испад бeше испратен со свирежи од страна на публиката.
https://twitter.com/trovarsi/status/1623096536312815616
Како што пишуваат дел од италијанските медиуми, се очекувало за време на својот настап Бланко да се валка меѓу розите за време на изведбата на неговата песна L’isola delle rose, но никој не очекувал дека тој ќе посегне по сценографијата и ќе ја оштети.
Наводно, младиот музичар бил иритиран затоа што имал технички проблем и не му работеле слушалките, по што почнал агресивно да ја крши сценографијата.
Бланко денес на Инстаграм ѝ се извини на публиката заради своето однесување, па напиша:
„Му се извинувам на градот од цветови.“
Тој објави нови стихови на Инстаграм во кои говори за она што му се случило на сцената:
„Те расплакав, како што ја расплакувам и мајка ми Аристон,
Ти ме гледаш како да сум кршлив ко дете,
И токму тука, каде што научив да трчам, паднав“ – стои меѓу другото.
Сепак неговите следбеници не го прифатија неговото извинување, па продолжија да го критикуваат дека се однесува детски и дека тој е пример за човечката глупост.
Вистинското име на Бланко е Рикардо Фабрикони, кој на светската публика ѝ стана познат по настапот на Евровизија 2022, а каде заедно со Махмуд успеаја да го освојат 6-тото место.
Слично како што им се случи на Maneskin во 2021-вата година, Евровизија беше отскочната штица што го направи Бланко еден од најпознатите италијански музичари во моментов.
Б. С. Б. | Црнобело