Најскапите (и најчудните) работи што ги има купено Ким Кардашијан на аукција
- Детали
- сабота, 11 февруари 2023
Ким Кардашијан плати речиси 200.000 долари за ланче на принцезата Дијана, а има потрошено и над 65.000 долари за јакната што ја носеше Мајкл Џексон на турнеја во 1980-тите.
Ким Кардашијан е една од најбогатите познати личности и нејзиното богатство се проценува на околу 1,7 милијарди долари.
Познато е дека Ким сака да троши многу пари на сè и сешто, но веројатно ништо не ги надминува чудните работи што ги купува на аукција.
Најскапите и најчудните работи што ги има купено Ким на аукција:
Ланче на принцезата Дијана – 197.453 долари
Кон крајот на јануари годинава, Ким Кардашијан купи ланче со голем крст кое ѝ припаѓаше на принцезата Дијана.
Ријалити ѕвездата плати речиси 200.000 долари за ланчето на аукција.
Ланчето беше едно од најпрепознатливите парчиња накит на починатата принцеза, а наводно Ким платила дупло повеќе од неговата почетна вредност.
Cartier часовник на Џеки Кенеди – 379.500 долари
Ким Кардашијан даде и огромна сума пари за рачен часовник кој ѝ припаѓал на поранешната прва дама на САД – Џеки Кенеди.
Станува збор за часовник направен од 18-каратно злато и Ким го купила анонимно, но подоцна самата се пофали:
„Го купив часовникот на Џеки Кенеди на аукција. Го носев кога бев во Белата куќа (во 2019-та). Се чувствував навистина моќно“, сподели таа за Vogue.
Јакна на Мајкл Џексон – 65.625 долари
Ким купува работи што им припаѓале на познати личности и за нејзините деца.
Во 2021 година, таа ја купи кадифената јакна што ја носеше Мајкл Џексон на турнеја во доцните 1980-ти. Јакната беше подарок за најстарата ќерка Норт.
„Норт е многу голем фан на Мајкл Џексон, па знаевме дека ќе го сака ова. Победивме на аукција за Норт, на Божиќ“, сподели Ким на Инстаграм.
Шешир на Мајкл Џексон – 56.250 долари
Уште еден скап подарок за ќерката Норт. Ким потроши 56.250 долари за шеширот што Мајкл Џексон го носи во спотот за Smooth Criminal.
Наводно, дамките на шеширот се од шминката што ја носел музичарот.
Норт го носеше шеширот како дел од костим за Ноќта на вештерките во 2022 година, а Ким се соочи со многу критики.
„Зошто Ким Кардашијан е опседната со предмети на мртви познати луѓе? Прво го носеше фустанот на Мерилин Монро, сега Норт го носи шеширот на Мајкл Џексон. Семејството Кардашијан е многу чудно“, гласи еден од бројните коментари на Твитер.