Заради филмот „Елвис“ завршил во болница, доби „Златен глобус“ за најдобра машка улога – Кој е Остин Батлер?
- Детали
- среда, 11 јануари 2023
Имаше кратка врска со ќерката на Џони Деп, Лили Роуз, деновиве е актуелен заради врската со Каја Гербер, а вели дека улогата во филмот „Елвис“ му направила пекол од животот – Кој е Остин Батлер, актерот што доби „Златен глобус“ за најдобра машка улога?
Остин Батлер (31) е актерот кој доби „Златен глобус“ за најдобра машка улога за филмот „Елвис“, каде ја толкуваше улогата на кралот на рокенролот, но самиот тврди дека снимањето било мошне тешко, па дури и му направило вистински пекол од животот.
Остин Батлер е американски актер кој уште како дете играл во голем број познати ТВ серии на Disney и Nickelodeon, а играше заедно со Леонардо ди Каприо и Бред Пит во филмот на Квентин Тарантино, Once Upon A Time… In Hollywood.
Во 2022-ра година ја доби главната улога во филмот „Елвис“, но освен што морал да ја офарба природно русата коса за да го долови поуверливо ликот на кралот на рокенролот, Остин се соочил со голем број други предизвици.
Како што вели, за време на првото снимање, со солзи си заминал дома, затоа што режисерот Баз Лурман им наредил на присутните да го исмеваат, за тој да може да сфати како се чувствувал Елвис првпат кога настапил на сцена.
„За време на снимањето на моментот кога Елвис за првпат се качува на сцена и е исмеан од публиката, ми стана јасно какво е чувството. Си заминав дома со плачење таа вечер“ – раскажа Остин.
Иако доби голем број позитивни критики и признанија за неговата улога, Остин вели дека морал да ја плати цената за својата посветеност.
„Се случува да заборавиш кој си навистина и мене ми се случи тоа кога завршив со снимањето на Elvis – не знаев кој сум веќе. Следниот ден се разбудив во 4 наутро во огромни болки и веднаш ме пренесоа во болница. Моето тело почна да откажува“ – раскажа Остин.
Инаку, веднаш по завршувањето на снимањето кај актерот бил најден вирус заради кој чувствувал болка слична на онаа од воспаление на слепо црево, па останал во кревет неколку недели.
Уште една последица е тоа што актерот и по завршувањето на снимањето продолжил да зборува со акцентот и гласот на Елвис.
„Смешно е затоа што во одредени ситуации ми се случува да почнам да зборувам како него ако некаде го слушнам неговото име. Значи цели две години зборував со тој глас, така што веќе ми стана навика и ми се чини дека веќе и сум заборавил како изгледаше мојот природен глас“ – откри Остин.
На љубовен план Остин во моментов е во врска со ќерката на Синди Крафорд, Каја Гербер, а претходно имаше кратка врска со ќерката на Џони Деп, Лили Роуз.
Б. С. Б. | Црнобело