Жена го тужи Стивен Тајлер, пејачот од Aerosmith – ја посвоил, ја силувал и ја натерал да абортира кога имала 16 години
- Детали
- петок, 30 декември 2022
Познато е дека во 1970-тите, Стивен Тајлер посвоил 16-годишна девојка за да може да ја носи на турнеи. Сега таа го тужи, тврдејќи дека тој ја силувал, ја терал да зема дрога и, на 17-годишна возраст, ја присилил да абортира.
Стивен Тајлер, фронтменот на популарниот рок-бенд Aerosmith, е обвинет за сексуално малтретирање на малолетничка во 1970-тите.
Тужбата најпрво ја сподели Rolling Stone и, според магазинот, станува збор за девојката што Стивен Тајлер ја посвои за да може да ја носи со себе на турнеи.
Џулија Холкомб ја поднела тужбата во Лос Анџелес и иако не го спомнува името на пејачот, цитира извадоци од неговата автобиографија во кои тој зборува за бизарната врска што ја имале.
Според Џулија, таа го запознала пејачот кога имала 16 години и тој период тој ја силувал, ја терал да зема дрогa, а кога останала бремена, ја присилил да абортира. Тогаш Стивен имал 26 години.
Бидејќи тогаш била малолетна, Стивен ја убедил мајката на Џулија тој да ѝ стане старател за да може да си jа носи со него на турнеи.
Во неговите мемоари, Стивен Тајлер детално ја опишува врската со малолетничката, но не го спомнува името Џулија Холкомб:
„Имаше 16, но знаеше како да прави многу работи. Нејзините родители се вљубија во мене и ми го префрлија старателството над неа, за да не ме уапсат кога ја носев надвор од државата.
Јас имав 26, а таа едвај беше доволно возрасна за да вози и многу секси, и лудо се вљубив во неа“, пишува пејачот.
Според тужбата на Џулија, таа го запознала пејачот во 1973 година, за време на концерт на Aerosmith во Орегон.
По завршувањето на концертот, тој ја поканил во неговата хотелска соба и наводно, откако ја прашал колку години е, почнал сексуално да ја злоупотребува.
Џулија вели дека продолжила да се гледа со пејачот бидејќи не можела да му се спротивстави и тој бил многу помоќен од неа.
Покрај тоа, тој ја направил финансиски зависна од него, што дополнително ѝ ја отежнувало ситуацијата.
Во 1974 година, Стивен Тајлер разговарал со нејзините родители со цел да ги убеди да му го префрлат старателството над Џулија – и успеал.
Имено, тој им ветил дека ќе плати за Џулија да оди на факултет, како и дека ќе плаќа за нејзиното осигурување.
Но, во тужбата, Џулија тврди дека тој само ја носел од едно на друго место, ја силувал и ја терал да зема дрога и алкохол.
Кога Џулија наполнила 17 години, останала бремена, а овој период во станот во којшто живеела имало пожар.
Во тужбата таа вели дека пејачот ја натерал да абортира бидејќи сметал дека „бебето е повредено од чадот“.
Стивен Тајлер го спомнува пожарот во неговите мемоари, но не и абортусот. Сепак, во друга биографска книга за членовите на Aerosmith, е спомнат и абортусот.
Претходно, во 2020 година, Џулија гостуваше во емисија на Fox News каде што зборуваше за наводниот абортус:
„Го запознав Стивен Тајлер кога имав само 16 години и тој ми стана старател. Тој одлучи дека треба да абортирам… и не беше важно колку молев да го зачувам бебето. Таа одлука никогаш не беше во мои раце“.
Засега, Стивен Тајлер се нема огласено во врска со тужбата.
Спирова С. | Црнобело